Најдолговечниот премиер веќе не е ни пратеник

Со констатирање на две пратенички оставки, а потоа и пауза од неколку часа, почна вчерашната собраниска седница. Првата оставка е на поранешниот премиер, сега азилант во Будимпешта Никола Груевски, кој подолго од една деценија неприкосновено владееше во земјава, како што и речиси 15 години беше на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Втората оставка е на Павле Богоевски, кој стана препознатлив како еден од учесниците во „Шарената револуција“ која почна пролетта 2016 година, за неколку месеци подоцна тој да биде избран како независен пратеник од листата на СДСМ.

Тоа што во овој состав на парламентот влегоа и излегоа на исти датуми, всушност, е единствената паралела што може да се повлече меѓу Груевски и Богоевски и нивните политички траектории. Сличности не може да се најдат ниту во оставките што ги поднесоа. Груевски ја испрати по писмен пат, заверена на нотар на унгарски јазик, а откако беше покрената постапка за одземање на неговиот мандат поради шестмесечно неоправдано отсуство од парламентот. Богоевски поднесе оставка од морални причини, поради компромитирачки телефонски разговор што беше објавен за него. Тој вчера дојде во парламентот за лично да ја образложи оставката што ја најави дента кога требаше да претседава со седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања, на чиј дневен ред беше предлогот за одземање на мандатот на Груевски.

Богоевски објави пред пратениците дека со повлекувањето од функцијата сака да упати порака дека вредностите на „Шарената револуција“ сè уште се во сила. Ги повика органите на прогонот да го испитаа случајот со снимката за наводна набавка на канабис за медицински цели, но да не го заборават и случајот со нелегалното снимање и објавување.

– Вредностите се над функцијата сега и секогаш. Одговорност се поднесува лично, храбро и со крената глава пред тие што те избрале, а не кукавички и во бегство криејќи се зад диктатори со слични уверувања – рече Богоевски.

Најавата за оставка на Богоевски, пред неколку седмици, влијаеше и на ставот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на одземањето на мандатот на Груевски, наспроти првичните сигнали дека во опозицискиот табор воопшто нема расположение да се гласа за одземање на мандатот на поранешниот премиер. За одземање мандат на пратеник се потребни најмалку 80 гласа, за што до крај остана неизвесно дали ќе беа обезбедени. И покрај тоа што поранешниот премиер беше евидентиран како неоправдано отсутен од парламентот подолго од шест месеци, во таборот на опозицијата имаше двоумење дали да се гласа „за“ одземање на неговиот мандат.

Оставката што ја испрати Груевски од својата нова „адреса“, практично, го суспендира предлогот за одземање на неговиот мандат. Иако според член 65 од Уставот пратеникот поднесува оставка лично на седница на парламентот, на вчерашната координација кај спикерот Талат Џафери е одлучено да се констатира оставката на Груевски. Со тоа долгогодишниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ и формално замина од политичката арена во земјава, и покрај обвинувањата што владејачките партии редовно ги упатуваат до новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ дека клучните политички потези сега им се диктирани од Будимпешта.

Груевски сега може да побара од парламентот апанажа во висина на платата што ја земаше како парламентарец, а која му беше ускратена дури откако на почетокот на годинава беа донесени измени на Законот за пратеници. Со оглед на тоа што беше на функцијата повеќе од две години, тој има право на надоместок во висина на пратеничката плата и во траење од една година. Истото право ќе му следуваше и во случај да му беше одземен мандатот. Сепак, во парламентот не веруваат дека поранешниот премиер ќе побара апанажа, за чие одобрување постапката би одела преку Комисијата за избори и именувања.

Во јануари годинава парламентот донесе законски измени според кои пратеник кој е осуден на затворска казна подолго од шест месеци го губи правото на надоместоци. Груевски е правосилно осуден на две години затвор за случајот „Тенк“, поради што избега од правдата. Измените на Законот за пратеници беа донесени со 53 гласа „за“, а единствено спикерот Талат Џафери гласаше „воздржано“, со образложение дека не е убеден во издржаноста на решението што го предложија група владејачки пратеници.

По констатирањето на оставката на Груевски, на негово место во парламентот треба да дојде Ѓоко Камчев. Тој е следниот од кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во четвртата изборна единица на парламентарните избори во 2016 година. Камчев бил пратеник во претходниот состав на парламентот. На изборите во 2016 година бил позициониран на 11. место на листата чиј носител беше Груевски, кој, пак, тогаш како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, се кандидираше во „четворката“ за да има директно соочување со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

На местото на Богоевски, пак, во Собранието влегува Александар Филиповски, кој е 17. кандидат на листата на СДСМ во првата изборна единица, каде што носител беше Стево Пендаровски. (А.М.М.)