Најава од Атина: Ветото е на маса доколку не се почитува Договорот од Преспа

За само неколку дена, по овдешните избори, Преспанскиот договор и односите со Македонија станаа главна тема во грчката политика


Од примопредавањето на функцијата претседател (Фото: Б. Грданоски)

 

Индиректно, но не сосем јасно, Атина го става на маса и ветото за пристапување на Македонија во ЕУ, доколку нашата држава не го почитува Договорот од Преспа.

Портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, денеска беше бомбардиран од прашања на грчките новинари, како што пренесуваат тамошните медиуми, околу развојот на односите меѓу двете земји откако новата претседателка Гордана Сиљновска-Давкова ја прочита заклетвата без да го употреби уставното име. Прашањето на односите со Македонија и Преспа речиси преку ноќ, по завршувањето на овдешните избори, се претвори во една од клучните политички теми во Грција.

Запрашан конкретно дали Грција ќе стави вето на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, по строгото предупредување на премиерот Киријакос Мицотакис во Скопје, владиниот претставник Маринакис одговори:

„Не сме во тој момент. Но, она што го кажуваме е јасно и не подлежи на многу толкувања. Неопходен услов е да се почитува договорот од Преспа за секој чекор на Скопје кон ЕУ“.

Тој потсети дека претходно премиреот Киријакос Мицотакис, во својата објава на социјалните мрежи, го опиша гестот на Силјановска, да го прекрши официјалниот текст на нејзината заклетва и да ја нарече државата со друго име, кое што не постои во меѓународни рамки како „провокативен, нелегален и недозволива иницијатива“. И најави дека: „Секој напредок во билатералните односи, како и секој чекор на Скопје кон Европа, зависи од чесното почитување на договореното. Од правилната употреба на уставното име на соседната земја. И, секако, избегнување предизвици“.

Маринакис рече и дека употребата на зборот Македонија од Сиљановска е спротивно на македонскиот устав и на Договорот од Преспа, кој двете држави се обврзани да го спроведат.

„Ова е зададено, не е отворено за толкување. Нешто што се чини дека е прифатено од претседателот на Комисијата и претседателот на Европскиот совет, кои дејствуваа веднаш – нешто што ги покажува рефлексите на земјата и влијанието што Грција сега има“, додаде владиниот претставник.

Тој ја нападна опозициската Сириза затоа што најави дека самоиницијативно повторно ќе ги донесе меморандумите за соработка со Северна Македонија, кои се резултат на Договорот од Преспа и кои никогаш не беа усвоени од владата на Нова демократија, поради реакцијата на десното крило на Андонис Самарас.

Маринакис објаснуваше зошто парламентот не ги донесол трите меморандуми. „Мислам дека тајмингот е целосно оправдан. Размислете да сме стигнале до оваа точка, а од другата страна да не биле направени ниту зачетоците. прва страница“, тврди тој и уште еднаш повтори: „Ако Северна Македонија сака да го продолжи својот европски пат, треба да го почитува договорот од Преспа“.

На прашањето дали Алексис Ципрас и Никос Коѕијас исправно постапиле и историјата ги оправдала за Преспанскиот договор, грчкиот владин претставник оцени: „Досега историјата не ги оправдала.Сериозна држава нема смисла да разговара за минатото. Државата има континуитет и се подразбира дека апсолутно го почитуваме“.

Архитектот на Договорот од Преспа, поранешниот министер за надворешни работи Никос Коѕијас неодамна го напиша (во весникот „Документо“) следново без грчкото МНР да го побие: „(Владата) ја распушти договорената научна група за отстранување на несоодветните формулации од учебниците на Северна Македонија, притоа одбивајќи да го промовира формирањето на групата предвидена во Договорот за решавање на трговските марки и имиња врз основа на правото на ЕУ“.

Некои од грчките коментатори пишуваат дека валидноста на меѓународен договор што го има печатот на ОН не е доведена во прашање, и покрај желбите на многу кругови во двете земји. Договорот е таму и е во целосна сила и ефект. Меѓутоа, во минатото, другите договори, иако беа формално важечки, на крајот беа дискредитирани со однесувањето на договорните страни. Дали ова сака да го направи Киријакос Мицотакис? Дали грчката влада сака да го направи Договорот од Преспа со текот на времето празен, текст повеќе музејски и историски отколку практичен што ќе дава резултати? (Н.В.)