Наградуваната претстава „Уна“ на Звездара театар ќе има две изведби во МНТ


Поради големиот интерес на публиката, наградуваната претстава „Уна“ на Звездара театар од Белград ќе биде изведена денеска и на 9 септември во 20 часот во Македонскиот народен театар.

Претставата е во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски, а главната улога ја толкува Никола Ристановски. Драматизацијата е работена според текстот на Стеван Копривица, инспириран од романот „Уна“ на Момо Капор.

Во претставата, покрај Ристановски, настапуваат и Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.

Од МНТ посочуваат дека „Уна“ е едно од позабележаните регионални театарски остварувања во изминатиот период, а нејзината уметничка вредност е потврдена со повеќе фестивалски признанија.

Никола Ристановски за улогата на професорот Мишел Бабиќ е добитник на наградата „Зоранов брк“ на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар, како и на признанијата за најдобар актер на Актерските свечености „Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац и на фестивалот „Театар фест Петар Кочиќ“ во Бања Лука.

Претставата ја освои и наградата од публиката на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“, а на фестивалот „Театар во еден чин“ во Младеновац беше прогласена за најдобра претстава и ја доби наградата од публиката.

Билетите за двете изведби се достапни преку билетарницата и веб-страницата на Македонскиот народен театар.