Награди БАФТА: „Опенхајмер“ води со најмногу номинации – 13
Британската академија за филм и телевизија (БАФТА) денеска ги објави номинираните за своите годишни награди БАФТА, кои ќе бидат доделени на церемонија на 18 февруари во Лондон, предводена од филмовите Oppenheimer на Кристофер Нолан со 13 номинации, научно-фантастичната црна комедија Poor Things доби 11, драмата на Мартин Скорсезе, Killers of the Flower Moon, доби девет номинации за БАФТА, меѓу кои и за најдобар филм и за најдобра споредна машка улога. Историската драма The Zone of Interest на Џонатан Глејзер има исто толку номинации. Anatomy of a Fall, The Holdovers и Maestro заработија седум номинации. Изненадувачки, Barbie остана без номинација за најдобар филм.
Oppenheimer се натпреварува и во категориите за најдобар филм, режисер, адаптирано сценарио, најдобар актер, најдобра споредна женска улога и најдобра споредна машка улога. Poor Things беше номиниран за најдобар филм, извонреден британски филм, најдобро адаптирано сценарио и најдобра актерка.
„Конкуренцијата е неверојатно силна годинава. Беа пријавени повеќе филмови, што го прави процесот на селекција особено тежок за нашите членови кои гласаат. Номинираните филмови и талентираните луѓе ги претставуваат некои од филмовите за кои најмногу се зборуваше, кои добија најмногу критики и филмови кои публиката допрва треба да ги открие.“
„Опенхајмер“, во режија на Кристофер Нолан, е заснован на книгата „Американски Прометеј: Триумфот и трагедијата на Џ. Роберт Опенхајмер“, добитник на Пулицерова награда од 2005 година, од Каи Бирд и Мартин Џеј Шервин. Книгата, како и филмот, детално го опишува животот на научникот, на проектот Менхетен и, се разбира, експлозијата што го промени текот на историјата.
„Опенхајмер“ доминираше на 81-от Златен глобус на 7 јануари, освојувајќи пет награди, вклучително и за најдобра драма, за најдобар режисер за Кристофер Нолан, најдобар драмски актер за Килијан Марфи, најдобар спореден актер за Роберт Дауни Џуниор и најдобра оригинална музика на Лудвиг Герансон.