Надал и Алкараз ќе играат во двојки на Олимпијадата


Париз– Рафаел Надал и Карлос Алкараз ќе дадат се од себе, но немаат големи очекувања пред заедничките настапи во двојки на Олимписките игри во Париз.

Алкараз, победникот на овогодинешното Отворено првенство на Франција и Вимблдон, и 22-кратниот Гренд слем победник Надал, кој се бори со повреди во последните две години, се главниот фокус на олимпиското тениско натпреварување, кое започнува во сабота и ќе трае до 4 август.

-Некако ги разбирам очекувањата на сите да не гледаат како играме заедно, но да не мислиме дека тоа ќе се претвори во успех затоа што мислам дека тоа е грешка. Карлос нема одиграно многу мечеви во двојки, а јас не и играв многу дури и во сингл во последно време. Ќе дадеме се од себе барем да се обидеме да заминеме со мир на умот дека направивме се што можеме за да стигнеме таму каде што можеме. Но очигледно не успеавме заедно да се подготвиме за турнир како овој, каде што има многу поподготвени други парови, изјави 38-годишниот Надал за медиумите.

Поранешниот светски рекет број 1, кој се очекува да се повлече од тенисот на крајот на оваа година, откако го пропушти поголемиот дел од 2023 година поради повреди, призна дека ќе биде тешко да ја прилагодат својата игра на друго натпреварување.

-Работите се случуваат многу побрзо, рефлексите треба да бидат спремни и движењата не се автоматизирани кога некој не играл подолго време. Во двојки има работи кои се сосема различни од индивидуалната игра, изјави Шпанецот.

Алкараз (21) е уверен дека играњето на земјена подлога, каде што ја освои титулата на Ролан Гарос пред само неколку недели, ќе биде плус за нив.

-Не сум имал можност да играм многу турнири во двојки, но да се вратам овде на овие терени на кои отсекогаш уживав да играм ги олеснува работите. Имаме денови за вежбање, сингл и двојки, за да се адаптирам што е можно подобро. Добро е да се вратам на земјена подлога и да стекнам самодоверба за да го започнам турнирот на најдобар можен начин, додаде тој.

Надал, кој го освои златниот олимписки медал во сингл во Пекинг 2008 година и златниот медал во двојки во Рио 2016 година, коментира дека Игрите се уште попосебни од Гренд слем.

-За жал ги пропуштив Токио и Лондон поради повреда и тоа е нешто што ме повреди повеќе отколку пропуштање на Гренд слем турнир. Олимпијадата е уникатно искуство кое ретко се случува во светот, во кариерата на еден спортист. Останатите се многу важни турнири за нас, но на крајот ги доживуваме секоја година и затоа многу ценам што сум овде сега, заклучи Шпанецот.