Над 50 олтајмери и 30 класични мотоцикли утре на „Skopje Clаssic Day“


Во Скопје утре ќе се одржи „Skopje Classic Day”, меѓународен настан на кој љубителите на олтајмери ќе можат да погледнат 55 автомобили и 30 класични мотоцикли постари од 35 години.

Настанот се организира втора година по ред, а изборот на автомобилите и мотоциклите е направен од страна на клубот „Gentleman’s Crew”, кој е организатор на манифестацијата.

Годинава, потврдено е учество на колекционери од пет држави, а бројката на возила кој ќе бидат гости надвор од нашата држава изнесува 25.

– Оваа година организациски настанот оди едно скалило погоре, за што се погрижи хотелот Александар Палас во Скопје, кој е домаќин на собирот. И овој пат, главната идеја за организирање на настанот е да се соберат на едно место префинети примероци на историски возила од регионот и пошироко, и во една лежерна атмосфера да се ужива во убавата музика, мода и вино, кои ќе претворат овој ден на убавината и елеганцијата, во ден на вистинско уживање, велат организаторите.

Изборот на најдобар автомобил и мотоцикл ќе го прави тричлено стручно жири, кое ќе ги оценува возилата поделени во класи. Претседател на жирито е професор Харалд Лешке, поранешен главен дизајнер на Mercedes-Benz и тим лидер во проектот на суперавтомобил Maybach Excelero.

Меѓународна нота на настанот му дава и вклученоста во светската недела на класични мотоцикли организирана од (FIVA) – Меѓународна федерација на историски возила. Клубот „Gentleman’s Crew” во соработка со „FIVA” се вклучува во празнувањето на оваа недела на класични мотоцикли и сите учесници кои ќе ги претстават своите мотоцикли на „Skopje Classic Day” ќе добијат специјален беџ за учество.