Над 400 македонски граѓани чекаат евакуација од Иран, ОАЕ и Катар
Над 400 македонски граѓани чекаат евакуација од Блискиот Исток поради ескалацијата на воениот конфликт меѓу САД, Израел и Иран. Според најновите информации, се изработува план за безбедно извлекување на македонските државјани од Иран, додека за оние кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати и Катар, во моментов не постојат безбедни услови за евакуација.
Министерството за надворешни работи информира дека, согласно податоците добиени од дипломатско-конзуларните претставништва, повеќе од 400 граѓани побарале информации за можноста за евакуација, а околу 30 лица изразиле подготвеност да ја напуштат земјата при прва можност.
Од Министерството велат дека со сите пријавени лица се одржува редовна комуникација и се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивно безбедно извлекување, зависно од развојот на состојбата на терен. Паралелно, дипломатско-конзуларните претставништва ги спроведуваат сите неопходни мерки за подготовка и организирана реализација на евентуалната евакуација, во координација со пријателски земји и меѓународни партнери.
Во однос на македонските државјани во ОАЕ и Катар, надлежните институции информираат дека не постојат безбедни услови за нивно извлекување. За граѓаните кои се наоѓаат во Израел, се разгледуваат и координираат алтернативни решенија за нивна евакуација.