Над 220 чешми низ Скопје вратени во функција
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски утрово информираше дека повеќе од 220 чешми за пиење вода биле ставени во функција.
„Скопје мора да биде град кој мисли на своите граѓани, особено во летниот период, кога високите температури бараат основни услови за разладување, движење и нормално функционирање. Со години, поради неажурност, ситни дефекти и негрижа, голем дел од фонтаните за пиење вода низ градот беа оставени надвор од функција. Она што требаше да биде секојдневна услуга за граѓаните, беше претворено во уште еден заборавен проблем. Тоа, го менуваме“, истакна Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.
Како што посочи градоначалникот, во координација со ЈП „Водовод и канализација“, биле мапирани, сервисирани и ставени во функција повеќе од 220 фонтани за пиење вода, засега.
„Ова значи свежа вода за децата, за повозрасните граѓани, за спортистите, велосипедистите, рекреативците, работниците, туристите и за сите кои секојдневно се движат низ Скопје“, додаде тој.