Националниот џез оркестар ќе го изведе најновиот проект на американски композитор и диригент Мајк Холобер
Националниот џез оркестар вечерва во 20 часот ќе го изведе најновиот проект на американскиот композитор и диригент Мајк Холобер, This Rock We’re On: Imaginary Letters, под диригентство на самиот автор.
– Холобер е еден од најзначајните современи џез композитори и аранжери, препознатлив по својата виртуозност, изразена оркестарска визија и длабока музичка чувствителност. Неговиот проект This Rock We’re On: Imaginary Letters е оценет како монументално ремек-дело и мајсторска лекција по композиција за џез оркестар. Во ова дело, авторот создава впечатлив спој на два музички света – суптилната естетика на современата класична музика и моќната, динамична енергија на биг-бенд звукот, наведуваат од Националниот џез оркестар.
Концертот ќе биде збогатен со настапите на солистите Андријана Јаневска – вокал, Кирил Јосифов – виолончело, Влатко Нушев – вибрафон и перкусии.
– Делото претставува длабока уметничка рефлексија за убавината на природата и судбината на планетата, конципирано како циклус од „замислени писма“ посветени на писатели, уметници и активисти кои својот живот го посветиле на восхит и грижа за нашата планета. Секое „писмо“ е проследено со инструментална оркестарска интерпретација што ја продлабочува и музички ја отсликува неговата поетска и емоционална димензија, посочуваат од Националниот џез оркестар.