Националната мрежа против насилство врз жените бара одговорност – со име и со презиме
Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа
Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара итна, темелна и независна истрага за трагедијата што се случи на 2 март во скопската населба Тафталиџе, каде животот го загубија триесет и едногодишна мајка и нејзината шестгодишна ќерка.
„Според сведоштвата на најблиското семејство, мајката подолг период била жртва на семејно насилство кое било пријавувано во надлежните институции. Доколку се потврди дека институциите имале сознанија, а не презеле соодветни мерки за заштита, бараме со име и презиме да се утврди одговорност кај сите службени лица – од Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции.
Оваа трагедија не е изолиран случај. Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство. Според податоците на Еуростат за 2023 година, Северна Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа што е алармантен показател дека системот за заштита не функционира ефикасно.
Пред само еден месец предупредивме дека новата година започна со загрижувачки пораст на случаи на семејно и сексуално насилство врз жени и деца. Ова што го гледаме не се изолирани инциденти, ова е образец. Образец на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите.. Наместо системот да обезбедува навремена заштита, третман и санкционирање на сторителите, сведочиме на пропусти што ја одржуваат и продлабочуваат културата на неказнивост.
Законите постојат, но нивната примена е недоследна и недоволна. Поради тоа жртвите остануваат без соодветна поддршка и заштита, додека насилниците продолжуваат неказнето да ги загрозуваат нивните животи. Бараме:
-Целосна и транспарентна истрага за постапувањето на сите институции во случајот во Тафталиџе, вклучително и проверка дали постоеле пријави/сознанија и какви мерки биле (или не биле) преземени;
-Суспензија на сите службени лица вклучени во постапување, се до завршување на истрагата
-Утврдување индивидуална одговорност за секое службено лице кое не постапило согласно законските обврски;
-Соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност и затворски казни за службени лица од МВР, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции каде што ќе се утврди дека морале, а не презеле мерки за заштита и/или дека пропустот придонел за фатален исход;
-Најстроги казни за сторителот на насилство;
-Итна ревизија на проценките на ризик и механизмите за заштита на жртвите на семејно насилство, како и на практиките за форензичко постапување и истраги во случаи на сомнителна смрт.Животот на жените и децата не смее да зависи од тоа дали системот ќе ја препознае опасноста дури откако трагедијата веќе се случила“, стои во реакцијата.