Национална галерија со надреално-фантастичното сликарство на Кирил Ефремов ја заокружи 2025
Со синоќешното отворање на ретроспективната изложба „Меѓу реалноста и сонот“ на Кирил Ефремов, Националната галерија успешно ја заокружи 2025 година со програмските содржини подржани од Министерството за култура и туризам. Јордан Ефремов, професор на Ликовната академија при универзитетот „Гоце Делчев“, Штип, синот на Кирил Ефремов, и кураторот на изложбата, Горанчо Ѓоргиевски се обратија пред бројната публика.

Гостите уживаа во надреално-фантастичното сликарство кое има посебно значење во поширокиот контекст и развојот на македонската современа ликовна уметност.

„Во годината што изминува беа презентирани редица ретроспективни, самостојни и групни изложби во објектите на Националната галерија, како и меѓународни претставувања на македонската ликовна уметност во Софија, Белград, Тирана, Истанбул, Загреб, Атина. Со исклучително залагање на менаџерскиот тим, колегиумот од секторот за идентификација, заштита, ревитализација, презентација и популаризација на движното културно наследство, безрезервната логистика на одделението за дизајн и маркетинг како и техничката екипа и сите останати, претставивме околу 40 програмски проекти на македонската модерна и современа уметност“, велат од Националната галерија.