Национализацијата би ја вратила Русија во 1917 година, предупредува руски магнат

Русија мора да смисли помудар одговор, вели Владимир Потанин, поранешен вицепремиер и најголем акционер на „Норилск никел“


 

Русија мора да смисли „помудар“ одговор на санкциите наметнати од Западот поради нападот врз Украина, бидејќи може да ѝ наштети на сопствената економија и да ги изгуби пазарите што одамна ги развиваше, предупреди тајкунот и поранешен вицепремиер Владимир Потанин.

Премиерот Михаил Мишустин во четвртокот му рече на претседателот Владимир Путин дека владата предложила на компаниите што ја напуштиле Русија да им биде доделен управник.

Деталите за механизмот сѐ уште не се познати, но руската елита жестоко дебатира каква треба да биде реакцијата на Москва на западните санкции, изјавија официјални лица и бизнисмени.

Путин рече дека Русија ќе остане отворена за бизнис и дека нема намера да затвора за оние кои сè уште сакаат да работат. Многумина не сакаат, барем засега.

Магнатот Владимир Путанин, најголемиот акционер на „Норилск никел“, смета дека одговорот на Русија на исклучувањето од светската економија треба да биде прагматичен.

Потатин беше првиот заменик-премиер за време на мандатот на претседателот Борис Елцин и еден од архитектите на процесот на приватизација во 1990-тите, во кој купи третина од уделот во „Норилск никел“.

„Не треба да се обидуваме да ја ‘треснеме вратата’, туку да се обидеме да ја зачуваме економската позиција на Русија на оние пазари што ги развиваме толку долго“, рече Потанин.

Тој додаде дека национализацијата на имотот на компаниите што ја напуштиле Русија ќе ги замрзне странските инвестиции во наредните децении.

„Тоа би нѐ вратило сто години назад, во 1917 година, а последицата, глобалната недоверба на инвеститорите во Русија, ќе ја чувствуваме со децении“, рече Потанин.

Тој предупреди дека некои земји ги користат санкциите како инструмент за да ја истиснат конкуренцијата, па затоа одлуките на Москва мора да бидат мудри и промислени.

„Гледаме дека воведувањето санкции ги погоди и западните економии. Затоа мора да бидеме помудри и да избегнеме сценарио во кое нашите санкции би нѐпогодиле нас самите“, рече Потанин.

Тој, исто така, повика на укинување на ограничувањата за плаќање во странска валута на купонската камата на рускиот надворешен долг, кој, според него, изнесува вкупно 480 милијарди долари, бидејќи неплаќањето камата може да ги активира барањата за целосната главнина, објаснува тој.

„Ова е целосно точно за големите државни претпријатија“, рече Потанин. Русија во неделата соопшти дека исплатите на државните обврзници ќе зависат од санкциите.

„Норилск никел“ е најголемиот производител на паладиум и висококвалитетен никел во светот, а зазема важно место во производството на платина и бакар и произведува кобалт, родиум, сребро, злато, иридиум, рутениум, селен, телуриум и сулфур.

Компанијата не е опфатена со санкции, а ѝ помага и силниот раст на цените на никелот на светските берзи, кој се користи за производство на батерии за електрични автомобили и нерѓосувачки челик.

Руската економија се соочува со најголемата криза од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, откако Западот воведе строги санкции врз речиси целиот руски финансиски и корпоративен систем поради руската инвазија на Украина. (Хина)