На Ванковска ѝ фалат 1.000, на Јакимовски 2.000 потписи за кандидатурата


 

Билјана Ванковска како кандидат на Левица и Стевчо Јакимовски, кандидат од ГРОМ се следните двајца потенцијални кандидати за претседател на државата кои се блиску до потребните 10 илјади граѓански потписи.

Според евиденцијата на ДИК од 28 февруари во 20 часот, Ванковска собрала 9.085 потписи, за Јакимовски 7.994. Претходно Ванковска на својот Фејсбук профил објави дека собрала околу 9 илјади потписи и дека и недостасуваат уште илјада потребни за влез во трката за претседател на државата.

Јакимовски исто така на Фејсбук напиша дека има нешто над 8 илјади потписи, а за кандидатура му се потребни уште помалку од 2 илјади потписи.

„8048. Ви благодарам. Продолжуваме утре посилно. Храбро за Македонија“, рече Јакимовски, но неговата пресметка, сепак, не била точна.

Тројца од вкупно единаесетте кандидати кои собираат граѓански потписи за претседателските кандидатури веќе успеаја и да добијат потребните 10 илјади потписи и со тоа да си обезбедат место во трката за шеф на државата чиј прв круг ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај заедно со парламентарните избори. Прв го стори тоа кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, кој успеа да ги обезбеди потребните потписи за три дена.