На УКРО лани новорегистрирани 73 лица со рак на грло на матка, најмалку во последните десет години


Фото: Б: Грданоски

На Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје во текот на 2024 година имало 73 новорегистрирани лица со рак на грло на матка, информираше денеска директорот Игор Стојковски на прес-конференција, по повод недела за превенција од канцер на грлото на матката.

Според Александра Грозданова, национален координатор за имунизација, опфатот со ХПВ вакцинација во последните шест месеци од 2024 година стигнал до 58.8 проценти.

– Последните податоци што беа споделени и во Софија, освен Словенија, во регионот, сите дртуги земји во околината, Македонија е лидер во овој сегмент. Двата фактора многу влијаат – многу подолго вакцинираме од сите други и навистина многу работевме во овој сегмент, додаде Грозданова.

Таа потсети дека од лани, во нашата држава е достапна и деветвалентната ХПВ вакцина. Покрај девојчињата, може да се вакцинираат и момчињата.

– Родово неутралната вакцинација ја поттикнува правичноста и им дава можност на мажите да имаат директна заштита и да се намали ризикот од трансимија, беше истакнато на настанот.

Професор доктор Горан Димитров смета дека превенцијата лежи во редовно одење на прегледи, земање ХПВ тест и вакцинација.

– Инциденцата на ракот на грлото на матката е некаде меѓу 11,12,13 жени на 100.000 што значи ние не сме толку лоши. Ние сме некаде во средината кога зборуваме за Европа. Полошо од нас стојат Бугарија, Романија, Русија. Во регионот, најдобро стои Словенија, одговори тој на новинарско прашање.

Димитров потсети дека сѐ уште не е воведен „синиот термин“ што го предложиле како професионални здруженија.

– Тоа е една многу добра работа, тоа значи сите дијагнози што се малигни, не зборуваме само за ракот на грлото на матката, да имаат слободни термини – сини, каде докторите ќе може да закажат каква било потребна интервенција. Дали е тоа за предоперативна подготовка, дали е тоа за следењето на болеста. Кога ќе се кликне на „Мој термин“, да се види дека има сино и тој термин може пациентот да го добие најбрзо што може. Тоа не мора да биде веднаш наредниот ден, меѓутоа барем во наредните 14 дена, потсети Димитров во изјава за медиумите.