На судиите им прекипе од Мицкоски: Премиере, ја поминавте границата на добро однесување!
Јавно писмо до Мицкоски од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии. Тие веќе не сакаат да молчат по паушалните обвинувања на премиерот
Судиите упатија остра критика до премиерот Христијан Мицкоски во врска со неговите изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор. Велат дека неговите коментари ја преминале границата на доброто однесување и преминале во неаргументирани и паушални напади.
„Господине премиер, веќе подолго време вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите“, се наведува во јавното писмо упатено до Мицкоски од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии.
Во него се наведува дека судскиот систем никогаш не генерирал долгови, па оттаму, велат судиите, нејасно е каква е поврзаноста на судството со државниот долг од две милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега.
„Сосема спротивно, токму судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од Буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците и слично“, се наведува во соопштението.
Судиите, исто така, наведуваат дека последниот извештај на ЕК јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која, како што велат, е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт.
„Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за европската перспектива на земјата. Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат“, се наведува во соопштението од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судиите.
Мицкоски денеска не го коментираше писмото на судиите, потенцирајќи дека остава граѓаните да кажат дали се задоволни од испораката на правдата во Македонија.
„Јас нема да давам одговор на таков тип дописи. Оставам јавноста да каже. Еве граѓаните нека кажат дали се тие задоволни од испораката на правда во Македонија“, рече Мицкоски. Ќе гледаме, рече тој, секој денар каде го трошат. „Да не се случи после дел од нив да се најдат на обвинителна клупа како обвинети“, рече премиерот.
Контра изјавите на Мицкоски настапи и јавниот обвинител Љупчо Коцевски кој, на собраниската комисија за финансирање и буџет каде почна расправата за буџетот за 2026, изјави дека не е точно оти се бара зголемување на платите на судиите и дека во идниот буџет одвојувањата за нив се исти како и претходната година. Тој практично ги негираше тврдењата на премиерот дека целата реформа што ја бара ЕУ околу судството се сведува на нивните плати кои наводно се толку високи, што не ги заслууваат со довербата што ја имаат, иако ЕУ бара да се засили независноста на овие органи и тие соодветно да се опремат, пред сѐ. Во обраќањето Коцевски побара од пратениците да интервенираат амандмански на дополнително ускратените средства за работа на Обвинителството од страна на Министерството за финансии и Владата. Според него, доведено е во прашање функционирањето на органот на гонење кривични дела, со објаснување дека не станува збор за покачување плати, туку дека на Обвинителството му требаат средства за да работи.
„Истите наши барања кои секоја година ги истакнуваме, пред само неколку дена ги потврди и Европската унија во последниот извештај – за ефикасна борба против криминалот и корупцијата мора да се овозможат ресурси и финансиска независност на обвинителството и на правосудството воопшто. Одбрав да зборувам, прво, затоа што навистина верувам во моќта на пратениците да ни ги овозможат ресурсите кои ни се неопходни за да можеме да работиме. Второ, затоа што имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна. Повторно, и за следната година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4% од вкупниот буџет, се предлагаат едвај околу 0,2% за потребите на обвинителството. Во вкупен обем на средства, износот е дури и помал отколку во тековната година. Тоа е апсолутно нелогично во услови кога сите трошоци растат“, рече Коцевски.
Коцевски сака да ѝ стане јасно на целата јавност дека не станува збор за средства за некакво покачување на плати и дека во Предлог-буџетот за 2026 година, за разлика од други институции, на вработените не им се дозволени средствата за додатоци кои законски им следуваат.
„Но, што е уште поважно, најмногу се намалуваат средствата за договорни услуги од каде се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејствија и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат. Во исто време, нашите потреби во овој дел постојано растат. Вештачењата поскапуваат, а за голем број сериозни и сложени кривични дела воопшто нема вешти лица во нашата држава, па сме принудени да ангажираме експерти од странство. Се ова паѓа на товар на буџетот на обвинителството“, алармираше Коцевски пред пратениците.
Тој рече дека ќе нема доволно пари ни за поскапи истраги за да може да има конфискација на криминално стекнатиот имот на престапниците.
„Со реформската агенда пред јавното обвинителство, но и пред сите нас како држава стојат сериозни реформски зафати кои мора да се реализираат во 2026. Тие предвидуваат јакнење на капацитетите и опремата во истражните центри, опремување и функционалност на канцеларијата за поврат на имот, поскапи финансиски истраги кои ќе резултираат со конфискација, ангажирање на дополнителен број обвинители и експерти за откривање економски и финансиски криминал во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. За ниту еден од овие реформски чекори во буџетот за следната година нема доволно средства, ниту има одобрувања од ресорното министерство за потребни вработувања, што значи дека тие нема да можат да се реализираат“, рече Коцевски.
Кадровските ресурси, според негова оценка, се посебен очај поради кој има опасност да настане хаос во органот за гонење на криминал и буквално да се случат кавги за дактилографка, за стручен соработник, за ИТ-експерт, а проблем е и што Академијата за судии и обвинители е блокирана, нема нови кадри на повидок во наредните минимум 4 години.
„Морам да укажам на крајно тешката состојба во која сме доведени како институција. Многупати сум кажал и мислам дека веќе сите знаат дека работиме со едвај една третина од потребниот број вработени во јавнообвинителската служба. Меѓутоа, има еден податок што уште повеќе загрижува. Oд почетокот на 2024 до денес, значи за помалку од 2 години, имаме одлив од над 10% на вработени кои си заминуваат по различни основи (околу 40 вработени). Во истиот период не ни е одобрено ниту едно ново вработување, па дури ни пополнување на овие испразнети места. Ниту едно ново вработување во службата не ни е одобрено ни за следната 2026 година, па очекувано е бројот на вработени дополнително да се намали. Иако недостигаат околу 30% и од потребниот број на јавни обвинители, поради блокираниот прием во Академијата, најмалку во следните три и пол години нема да биде примен ниту еден нов јавен обвинител. Со оглед на обемот на работа кој постојано расте, ваквата состојба е навистина неодржлива“, алармираше Коцевски. Заврши со илустрација дека секој обвинител и секој вработен во Обвинителството работи по 5 работи и 5 работни места и оти таквата состојба е веќе неодржлива.
Сепак, наспроти овие арументи, Мицкоски вчера изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор, коментирајќи ги шесте предложени реформи во законите од областа на судството и обвинителството. Порача дека главната реформа во тие закони е токму зголемувањето на платите, што според него е неприфатливо поради состојбата со буџетот.
Мицкоски наведе дека следната година државата треба да врати над 2 милијарди евра долг, поради задолжувањата од минатото, и дека покрај тоа треба да обезбеди пари за плати, пензии и социјални трошоци.
„Ако некои мислат дека треба да им ги дуплираме платите на судиите и обвинителите – нека кажат. Еве, јас ќе ја донирам мојата плата. Ама да обвинуват и да судат според законите“, изјави премиерот, додавајќи дека нема да поддржи реформи чија суштина е само финансиско зголемување и додаде: „Знам дека ќе ме нападнат, но моралот не ми дозволува да се согласам со тоа.“
Последниот извештај на Европската комисија од 4 ноември нотираше нула напредок во независноста на судството. Според извештајот, политички притисоци врз Судскиот совет, недостиг на кадар и средства, како и голем заостаток на предмети ја поткопуваат ефикасноста.Буџетот за судството сега е далеку под законскиот минимум.