На сметките за струја ќе има нова ставка – Пристап до мрежа: Интервју со Марко Бислимоски

Пристапот кон мрежа кај домаќинствата ќе биде минимален, три-четири евра месечно. Но, за сметка на тоа ќе се намали мрежарината, вели претседателот на РКЕ


Доколку отчитувачкиот период е од седми до седми во месецот, кога ќе се отчита броилото ќе се постави евтината тарифа и декемвриската фактура ќе трае не до 31 декември, туку до седми јануари (Фото: Б.Грданоски)

 

Новата цена на струјата се „крчка“, а веќе наредната недела ќе биде соопштена од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, за „Независен“ открива дека во сметките се подготвува нова ставка, Пристап до мрежа, која  ќе биде покрај постојната за мрежарина. Но, како што уверува, тоа нема да ги зголеми сметките, или тоа ќе биде незначително, но истовремено ќе придонесе да се направи правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, како во викендичките, или пак поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици. Со Бислимоски, разговаравме и за повеќе актуелни прашања, од најгорливото, кога сите граѓани ќе ги почувствуваат придобивките од евтината дневна тарифа, потоа за улогата на РКЕ во формирањето на цената на струјата, за влијанието на бугарската такса на рускиот гас, за отпорот кај дел од стручната јавност во врска со јавно-приватното партнерство за „Чебрен“, како и за инвестициите во батериски системи за складирање електрична енергија. 

 

Господине Бислимоски, во моментов најактуелна е темата за евтината дневна тарифа. Социјалните мрежи се преполни се негодувања дека фамозната ознака за евтина тарифа на броилата Т2 никако да се појави. Зошто е така, кога сите граѓани ќе ја добијат дневната евтина тарифа?

Во Македонија има околу 600 илјади домаќинства и тие домаќинства не може точно да се отчитаат на 30. односно на 31. во месецот во ист момент. Доколку би можело да се отчитаат тогаш пописот во државата ќе ни го направеше Електродистрибуција и во еден ден ќе влезеа во секое домаќинство во државата. За жал, тоа не е можно. Прво, се прави забуна. И кај нас доаѓаат пораки по електронска пошта за дигиталните броила. Во Македонија, речиси сите броила или околу 99 отсто се дигитални. Но, ако имате дигитално броило тоа не значи дека се отчитува далечински. Граѓаните мислат дека доколку е дигитално, се отчитува далечински што не е точно. Во Македонија има 180 илјади дигитални броила што се отчитуваат далечински. Во наредните три до четири години сите броила ќе бидат со далечинско отчитување и повеќе ќе ја нема приказната дали некое броило е отчитано или не. Во билинг системот кај Електродистрибуција ќе дојде податокот од првиот ден во месецот во 00,01 часот до последниот ден од месецот во 23,59 часот. Сега, за да може сите постојни броила да се отчитаат во месецот, домаќинствата се поделени во четири отчитувачки групи. Како ќе доаѓаат од Електродуистрибуција да ги читаат броилата, така ќе ја менуваат, односно ќе ја поставуваат евтината дневна тарифа. На пример: доколку отчитувачкиот период е од седми до седми во месецот, во декемвриската фактура, кога ќе се отчита броилото, ќе се постави евтината тарифа од седми декември и декемвриската фактура ќе трае не до 31 декември, туку до седми јануари. На секоја сметка стои во која отчитувачка група е домаќинството и кој е пресметковниот период. Така, за декемвриската фактура никој нема да биде оштетен, туку целокупната потрошувачка во периодот од 13 до 15 часот, ќе биде во евтината тарифа. Исто и за отчитувачките групи кои што почнуваат од 14 во месецот, за кои декемвриската фактура ќе биде за период од 14 декември до 14 јануари, а по истата логика и за другите две групи. Така што, нема да биде оштетено ниту едно домаќинство.

 

Сепак, зарем домаќинствата не се ставаат во нееднаква позиција, бидејќи едните ќе користат евтина тарифа две-три недели пред другите?

Операцијата да се променат броилата е сериозна. Во комуникација сме со ЕВН и од таму ни кажаа дека 90 проценти од броилата ќе бидат подесени во текот на декември, како што ќе се одвива отчитувањето. Освен во далечни рурални подрачја, каде што има и празни куќи тоа ќе биде направено во понатамошниот период. Таму нема ни потрошувачка, или е минимална.

До сега се променети над 243 илјади броила. Значи, повеќе од една третина, вели Бислимоски (Фото: Б.Грданоски)

Дали ќе има четири отчитувачки групи и кога сите броила ќе бидат дигитални со можност за далечинско отчитување?

Тогаш ќе нема потреба од четири групи, ќе нема поплаки. Со постојните четири групи не може сите броила во еден месец да се отчитаат така што ќе нема поплаки дека потрошувачката е предвидена повеќе, туку фактурата ќе се однесува од првата минута во месецот до последната минута и точно ќе се однесува на конкретниот месец. Инаку, во најголем број европски земји отчитувањето е еднаш годишно. Кај нас во најголем дел е еднаш месечно, а задолжително е еднаш во еден квартал.

Колку броила до сега се променети со евтина тарифа?

Според податоците што ги имаме од ЕВН, во моментов (6 декември, заб.) се променети околу 243 илјади броила. Значи, повеќе од една третина и поради тоа кажувам дека никој нема да биде оштетен. Во декемвриските фактури, во зависност од отчитувачката група, во целокупниот период ќе има евтина тарифа.

 

Премиерот Димитар Ковачевски излезе со математика дека доколку се користи оптимално евтината дневна тарифа ќе може да се заштедат околу 1.000 денари. Дали е точна таквата пресметка?

Точна е. Околу 1.000 денари е намалувањето, односно до илјада денари. Во екстремни случаи каде што оделе и во четвртиот блок, заштедата може да биде и повеќе.

 

Кога ги споменувате блоковите, останувате ли цврсто на ставот дека нема да има промена на опсегот како што сугерираше ММФ?

Нема да има промена кај блоковите за потрошувачка на струја. Имаше идеи, нивниот пристап беше сосема коректен и сосема разбирлив, сметаа дека пазарот на електрична енергија се стабилизира и дека треба да се ослободиме од субвенциите кои што ги дава државата и дека треба да се намали потрошувачката во првиот и во вториот блок. Но, седнавме, разговаравме и покажавме дека доколку се намали ќе се остварат повеќе пари, но тие пари ќе бидат над одобрениот приход на универзалниот снабдувач и тие пари на крајот ние мора да ги вратиме назад и тогаш ќе треба да ги намалиме цените по блоковите за да го оствариме приходот кој што треба. Да кажеме теориски, дека целата потрошувачка ја ставаме во четврти блок и ако е 17 денари, ако помножите со вкупната количина ќе добиете за шеесетина отсто повисок приход од дозволениот. Тие 60 проценти не може да останат кај универзалниот снабдувач туку ќе се вратат назад и цената на четвртиот блок фактички ќе треба да се намали за 60 проценти. Значи, приходот на универзалниот снабдувач треба да му обезбеди да купи електрична енергија од ЕСМ, сега и од слободниот пазар, да купи од повластени производители, да закупи преносен и дистрибутивен капацитет во мрежите и да ја обезбеди маржата која што му е гарантирана со тендер и да плати трошоци на маркет операторот. И тие податоци се егзактни. Ги знаеме цените за набавка на електрична енергија, цените за мрежарина и количините, така да тој приход кој што ќе го има е фиксен и не може да се промени. Ако расте, ако остварил поголем приход, тие пари ние ги одземаме, ако остварил помал приход, му ги враќаме назад.

До каде е формирањето на новата цена на електричната енергија, ЕСМ на тендерот понуди повисока цена, претпоставувам дека слично направија и другите компании?

Имаше два тендера и едниот беше за универзален снабдувач каде што ЕСМ понуди цена од 57 евра за мегаватчас, а постоечката е 53 евра за медгаватчас. Исто так, порано 100 отсто ги обезбедуваше потребите, а сега ги обезбедува со 95 проценти. Значи, прво има зголемена набавна цена од околу 7,5 отсто што има влијание и дополнително влијаат и тие пет проценти од слободен пазар. Ако се купувале оваа година заклучно со декември по 53 евра, сега ќе се купуваат по 130-140 евра на слободниот пазар, што ќе прави дополнителен притисок врз цената.
Инаку, сите барања се стигнати, започнавме со анализи и во текот на следната недела ќе имаме брифинг каде што ќе ги информираме медиумите во однос на постапките за цените кои што ги имаме.

 

Од ова што го кажувате, генерално, може да се очекува дека сепак ќе има зголемување на цената на струјата. Колку ќе поскапи струјата?

Според првичните податоци кои што ги добиваме – да, бидејќи вториот тендер беше за купување на загуби во мрежите. Претходно таму во дистрибутивната мрежа цената беше 100 евра за мегават час, а сега е 105 евра за мегават час. Тоа е дополнителен притисок врз цената. Овие првични работи покажуваат дека ќе треба да има зголемување, но секогаш велам треба да наоѓаме креативни решенија, правични решенија со кои што ќе ја релаксираме ситуацијата со цената на електричната енергија. Ние со последните две одлуки, кога се зголемуваше ДДВ-то, а ние носиме цени без ДДВ, ја намаливме просечната цена за домаќинствата за околу 2,5 отсто за да го намалиме влијанието на ДДВ-то. Исто така лани и цената на малите потрошувачи ја намаливме за 20 проценти. Вие не може да најдете регулатор кој што влегол така храбро во период на енергетска криза да оди во одредени делови на намалување на цените. Не може да го видите ниту во Србија каде што има три поскапувања по осум отсто, имаше и во Косово… Ние влеговме со креативни решенија да го ублажуваме ударот врз стандардот на граѓаните. Заради ДДВ-то зголемувањето беше околу 3 – 4 проценти. Значи, тоа е што го преземаме, сме го преземале, и ќе го преземаме.

Потрошувачката на електрична енергија е намалена за околу 10 отсто. Тоа е сериозен притисок врз цената, вели Марко Бислимоски (Фото: Б.Грданоски)

Ќе има ли и сега некое креативно решение?

Јас секогаш верувам во креативни и правични и мудри решенија. Она што уште од сега го знаеме е дека имаме сериозно намалена потрошувачка на електрична енергија на ниво на државата. Потрошувачката паѓа поради тоа што се поставија многу фотоволтаици на фирмите, односно компаниите. Тоа е некаде околу 150 мегавати.

Колку во проценти е намалена потрошувачката?

Некаде е намалена за 10 отсто. Ако сме имале во години 5,5 милијарди – 5,6 милијарди киловатчасови, предвидувањата се дека за 2024 година ќе имаме под 5 милијарди. Тоа е сериозен притисок врз цената и сега ќе објаснам зошто. 

Порано, ние определуваме една сума пари, го велиме приход. Цената ја добиваме кога приходот го делиме со количината. На пример, ако приходот бил 100 единици (100 денари) и ако количината била пет, добиваме цена од 20 парични единици. Сега ова пет ни се намалува на четири, но приходот е ист. Кога 100 ќе го поделиме со четири, добиваме 25 парични единици, односно зголемување само врз основа на ова. Трошоците им се исти, ништо не сме зголемувале таму. И ова не е правично. Тие што поставиле фотоволтаици на крововите си помогнале, но не треба да ги казниме оние што не поставиле. Ниту тие треба, поради тоа што се намалила потрошувачката, да плаќаат повеќе. Поради тоа во рамки на одобрениот приход ќе воведеме ставка Пристап кон мрежа. Притоа, не ги менуваме гарантираните парични единици приход, туку ќе направиме правична распределба. Тие што поставиле фотоволтаици на покривите ќе плаќаат одреден износ за пристап кон мрежа, што ќе биде фиксен надоместок. За компаниите фиксниот надоместок нема да биде голем, тоа се поголеми потрошувачи каде што има мерење на моќноста. Зборуваме за суми од 20-ина, 25-30 евра месечно, ќе видиме колку. Но, за сметка на тоа ќе им се намали цената за моќност. Значи, ние нема ништо да зголемиме, на пример, ако одиме со 20-ина евра, цената за моќност на напонско ниво Л1- Л2 би се намалила за 18 проценти.

 

Што е со домаќинствата, дали и таму ќе се воведе ставката Пристап до мрежа?

Исто така и кај домаќинствата. Има голем број домаќинства каде што нема потрошувачка, или кои што поставија фотоволтаици. Значи, мрежата се одржува во текот на целата година. Фиксните трошоци сега ги плаќат само домаќинствата кои што ја користат мрежата рамномерно, секој месец во годината. Оние кои ја користат две – три недели во годината не плаќаат ништо. И тоа не е фер, не е правично. Плус, сега има домаќинства кои што поставуваат фотоволтаици. Тоа вообичаено се побогати категории на граѓани. Кога ќе го постави фотоволтаикот, нему ќе му се намали потрошувачката и тоа го создава овој ефект кој што ви го кажав.
Поради тоа и кај домаќинствата ќе се воведе Пристап кон мрежа, но за сметка на тоа ќе се намали мрежарината. Значи, не може некое домаќинство коешто не поставило фотоволтаик да плаќа за домаќинство коешто поставило фотоволтаик. Мора да зборуваме за социјална правда и за правичност. И тоа ќе го спроведеме.

Дали на ваков начин ќе ги дестимулирате оние кои поставуваат фотоволтаици?

Не, не ги дестимулираме. Просечната цена за мрежарина останува иста. Овој пристап кон мрежа кај домаќинствата ќе биде минимален, три-четири евра и тој ќе се плаќа месечно. Но, за сметка на тоа ќе се намали мрежарината. Просечната цена за мрежа ќе биде иста. Не станува збор за давачка доколку се направи промена на тарифниот систем за поправично собирање на парите од потрошувачите. Не може некој којшто не може да постави фотоволтаик да плаќа за некој што поставил. Никој нема да биде оштетен, само правиме поправична распределба. Јас имам викендичка во Галичник, кога ќе отидам вклучувам и имам струја. Во годината трошам 400 киловат-часови. Но, не учествувам со ништо за одржувањето во текот на годината. Со минимален пристап кон мрежа, како трошок, ќе имаме правична распределба и јас ќе учествувам заедно со домаќинствата кои што плаќаат редовно. За сметка на тоа, за да не се разбере погрешно, ќе се намали трошокот за мрежарина. Значи тие активно што користат ќе имаат корист од тоа.

 

Пристапот кон мрежа ќе биде како посебна ставка покрај онаа за мрежарина?

Да, ќе бидат раздвоени. Значи, не е посебна давачка, па да се остварат повеќе пари, туку е во рамки на одобрениот приход.

Со минимален пристап кон мрежа, како трошок, ќе имаме правична распределба со домаќинствата кои што плаќаат редовно, вели Бислимоски (Фото: Б.Грданоски)

Ова е добар вовед во следното прашање што сакам да го поставам, околу тоа кој ќе ја определува цената на електричната енергија. Дали ова ќе биде последен пат РКЕ да ја соопштува цената, или „палката“ ја предавате на ЕВН, односно на универзалниот снабдувач?

Ние секогаш ќе ја определуваме цената за мрежарините, за пренос и за дистрибуција на електрична енергија и за маркет операторот. Во делот кај универзалниот снабдувач, пресметките ќе ги направи универзалниот снабдувач и ќе ги достави кај нас на контрола. И кога ќе ги достави на контрола ние доколку не сме задоволни со тие пресметки носиме одлука со која што му кажуваме точно кои работи да ги промени во своите пресметки и тој е обврзан да ги примени. Така што, контролата ќе остане кај нас и граѓаните да бидат спокојни, нема сам да кажува колку е цената.

 

Тоа е јасно, но колку со овие новини во Законот за енергетика РКЕ се доведува во пасивна улога, наместо како до сега да биде активен чинител?

И понатаму ќе бидеме активен чинител бидејќи ја правиме контролата. Горе-долу ќе остане исто како и претходно. Но, согласно европското законодавство, ретко каде може да видите регулатор да кажува крајна цена.

 

Да, но таму пазарот е целосно либерализиран, а исто така во многу од државите нема универзален снабдувач.

И кај нас е либерализиран пазарот. Точно е дека во повеќе држави нема универзален снабдувач. Кај нас имаме концепт за заштита. Европското законодавство дава можност да воведете универзален снабдувач, но таму универзалниот снабдувач во земјите на ЕУ каде што постои не купува електрична енергија од државната компанија по субвенционирана цена, како што е случајот кај нас. Во спротивно цените за домаќинствата ќе беа повисоки за три пати, ако цените беа на слободен пазар.

 

Но на Запад им доделуваа дотации директно на домаќинствата и на таков начин ги пеглаа ценовните шокови. Значи имало механизам за заштита и таму.

Ги пеглаа, но пазарот си функционира. Има две опции: да се субвенционира директно во цената или пак да има реална цена која се купува од пазарот, но таму државата со дотации да го решава тој проблем. Така што концептот горе-долу ќе остане ист. Разликата е во тоа што ЕВН ќе ја објави одлуката за цената во „Службен весник“.

Регулаторната комисија и понатаму ќе биде активен чинител при утврдување на цената на струјата бидејќи ќе ја прави контролата: Марко Бислимоски (Фото: Б.Грданоски)

Деновиве ЕСМ производство на топлина соопшти дека како услов за учество на тендерот за набавка на гас за топланите е да не се набавува руски гас. Дали тоа значи дека е најдено решение за бугарската такса на рускиот гас?

ЕСМ производство и на другите тендери бараше сертификат од трговецот од Бугарија, бидејќи ние купуваме гас на граница, односно во Жидилово, близу Крива Паланка. Целта е да не се доведе во ситација да се зголеми цената за 10 евра за мегават час, поради воведувањето на бугарската такса на рускиот гас. Инаку, и теориски и практично не може да кажете чиј гас е во цевката. Сега гас доаѓа и од ЛНГ терминали, потоа од Азербејџан, бидејќи го носат од Грција и Бугарија, до Македонија, така што тоа е само заштитен механизам за да ја префрлиме топката кај бугарскиот трговец, односно да не биде кај нашите потрошувачи и да имаме зголемен трошок за гас.

 

Што е со гасот на „Гаспром“ кој го има закупено целиот капацитет на цевководот до 2030 година? Од каде сега низ тие цевки да тече азербејџански гас?

Македонија го зголеми капацитетот на постојниот цевковод, над она што е гарантирано за „Гаспром“. Како што знаете Владата побара да се дозволи дополнително зголемување на капацитетот за што се во преговори со бугарската страна. Значи, додека немаме зголемен трошок од десет евра за мегават час немаме проблем. Засега ниту Унгарија, ниту Србија добиле зголемување. Единствен начин да ја избегнеме давачката е да го зголемиме капацитетот на цевководот.

 

За време на самитот на ОБСЕ во Скопје министерот за економија Крешник Бектеши се сретна со унгарскиот министер за надворешни работи Сијарто, а на средбата претпоставувам бевте и Вие. Може ли да ни кажете нешто повеќе, дали се договараа заеднички чекори околу бугарската такса за рускиот гас?

Да, и јас бев на средбата. Унгарија е разочарана од таа одлука. Унгарија не може да се снабдува со природен гас од друга страна. Најголемиот дел доаѓа од оваа страна и реално тоа ќе им ги зголеми трошоците. Унгарија како земја членка на Европската унија покрена постапки кои што се легитимни и во рамки на Европската комисија, пред органите на европските институциии. Како држава се подготвени да ги преземат сите мерки, дури и порадикални за да може да го решат проблемот и ќе направат сѐ. Правото на Унгарија да се бори да си ги заштити своите интереси е легитимно. Само за илустрација, од вкупната потрошувачка на природен гас по оваа траса, најголемиот дел отпаѓа на Унгарија. Ако се знае дека според пресметките само за таксата треба да се дадат околу 1,3 милијарди евра, од тоа сигурно околу 70 проценти се однесуваат на Унгарија која ќе треба да ги плати, односно унгарското стопанство и унгарските граѓани. Инаку, во најголем дел таа комуникација ја води Владата, така што не сум запознат, но во одредени делови сигурно има и заеднички настап. Реално, Македонија во целиот овој период носеше коректни одлуки, јасно е позиционирана, не прави никакви проблеми и сметам дека Македонија не треба да биде засегната на никаков начин од оваа дополнителна бугарска такса.

 

Фотоволтаиците целосно ја сменија енергетската слика во Македонија, но се наметнува предизвикот за складирање на така произведената електрична енергија. Како ги коментирате предлозите да се инвестира во системи за складирање на електричната енергија кои штосе приличнио скапи. Можно ли е тоа да се изведе од домашни компании? Колку би чинел еден таков проект?

Обновливите извори, како фотоволтаиците и ветерниците се супер, но особено од фотоволтаиците добиваме електрична енергија само во одреден период од денот, додека потрошувачката продолжува и во останатиот дел од денот. Има два начина да се реши тоа. Првиот начин е да имаш голем хидропотенцијал кој што би го балансирал системот, но сите држави го немаат тоа, ако се спореди колку фотоволтаици се изградени наспроти хидропотенцијалот кој во најголем дел се користи за балансирање. Сега треба да се направи еден исчекор, да се поставуваат и батерии. Батерии може да се постават кај производителите коишто поставиле самите фотоволтаици или да се постават независно. Тоа значи дека некој изградил склад со батерии од 50 мегавати, купува енергија во текот на денот како му одговара, ја складира и потоа ја продава во наредниот период. Прашањето е дали македонските компании сами ќе се организираат. Може ќе имаме посебни оператори.

Се разбира, добро е да се изградат батерии, веќе има најави за такво нешто. Има заинтересирани, кај нас во РКЕ доаѓале од Хрватска, од Италија коишто се исклучително заинтересирани да постават полиња од батерии кои што ќе складираат еклектрична енергија. Верувам дека и во рамки на Стопанската комора може да се организираат македонски компании коишто се сериозни потрошувачи да направат заеднички капацитет за складирање на енергија. Неколку најбитни акти веќе се подготвени, чекаме уште од урбанистички аспект да видиме каков ќе биде третманот на батериите, односно дали ќе бидат опрема. Според мене, тие се урбана опрема бидејќи батеријата може да се пренесе од едно на друго место. Тоа е потребно за да ги ставиме во нашиот правилник за лиценци и да издаваме лиценци. Согласно законските измени постои функција оператор на батерии. Значи да добие лиценца и да направи капацитет од 50 или 100 мегавати, да купува и да продава енергија.

Во РКЕ доаѓаа фирми од Хрватска, од Италија кои што се исклучително заинтересирани да постават полиња од батерии. Верувам дека може да се организираат и македонски компании да направат заеднички капацитет за складирање на енергија, вели Бислимоски (Фото: Б.Грданоски)

Неодамна се најавуваше дека сите што ќе инвестираат во фотоволтаици ќе мора дел од инсталацијата да биде во батерии? Дали е тоа обврзувачки?

Не, имаше такви најави, но јас сум против таков вид условување. Ќе оставиме производителите да решат самите. Со батериите тие може да си го подобрат своето продажно портфолио. Според мене, треба да им се даде таква обврска на некои кои што имаат поголеми капацитети, над 50 или 100 мегавати, затоа што заради еден облак производството може да падне, па да има проблеми со балансирање на системот. Инаку, ако влезе во дебаланси, таквиот трошок ќе оди на конто на сопственикот, нема да оди кај потрошувачите. Така што мислам дека самиот пазар ќе ја наметне потребата дали некој ќе постави такви батериски системи или не.

Кога станува збор за балансирање, ХЕЦ „Чебрен“ е проект кој што ќе овозможи такво нешто. Но, по успешниот тендер, има се повеќе отпор кај дел од стручната јавност „Чебрен“ да се даде под концесија на странски партнер. Како ги коментирате ваквите забелешки?

Сите сме согласни дека „Чебрен“ треба да се изгради. Порано беа „Чебрен“ и „Галиште“, се одеше до 700 мегавати, сега со издашноста на водите е само „Чебрен“ со моќност од околу 330-340 мегавати и со планирано годишно производство од милијарда киловат часови. Јас би бил најсреќен доколку тоа го направела државата преку ЕСМ.
Да видиме што направила државата во производни капацитети за електрична енергија во независна Македонија. Го направила „Козјак“ со 80 мегавати, „Света Петка“ со 36 мегавати, паркот „Богданци“ 36 мегавати и 10 мегавати, а сега може и повеќе, се прават фотоволтаици во Осломеј, но тоа оди бавно.
Од друга страна, приватниот сектор за помалку од две години направи 600 мегавати производни капацитети. Ние во Македонија зборуваме државата да прави сѐ. Никаде во Европа не е така, не прави секогаш се државата. Но, еве да го тргнеме и тоа прашање. Никој не зборува за изгубената добивка. Што сѐ ќе добиевме овие години на енергетска криза доколку „Чебрен“ беше изграден.

 

Никој не зборува за изгубената добивка. Што се ќе добиевме овие години на енергетска криза доколку Чебрен беше изграден: Марко Бислимоски (Фото: Б.Грданоски)

Укажувањата се дека на овој начин ќе ја изгубиме енергетската независност. Дали е оправдан таквиот страв?

Кај нас има пазар на електрична енергија, значи мора да ја продаде на учесник на пазарот во државата. Притоа, во таа компанија, ние како држава ќе имаме 33 отсто. Треба сериозно да си го поставиме и прашањето дали Македонија има човечки потенцијал да го направи „Чебрен“, дали има градежен потенцијал. Колку што знам, на Електро факултетот оваа година на насока електроенергетика се запишани шест–седум студенти. Според мене, треба да се ослободиме од тоа кој ќе ја изгради хидроелектраната, битно е да се изгради. Потенцирам уште еднаш, јас би бил најсреќен во овие 30 години тоа да се направело. Сите луѓе биле на позиции, можеле да се борат да се направи. Само не сум сигурен дали некои претходно не учествувале во некои други процеси. Дали фотоволтаиците што ги направивме се добри или не се? Тоа прашање сега треба ние да си го одговориме. Приватниот сектор ги направи. Што да им кажеме, не градете, да чекаме државата тоа да го направи?
Приватниот сектор е многу пожилав, инвестираше во 600 мегавати фотоволтаици, што е речиси колку трите блока во РЕК „Битола“. Оваа година енергетската независност на Македонија ќе биде зголемена, увозот прв пат по 15 години ќе биде под 20 отсто, инаку во просек е 30-40 отсто. Тоа значи дека не се одлеваат девизи од земјава, парите остануваат тука.