На Русија со љубов: Големата бела маса во Кремљ е од Италија и чини многу скапо

Масата на која Путин разговараше со Макрон, Орбан, Шолц е направена уште пред 25 години само што сега дојде во фокусот поради ковидот. Денешната цена ѝ е 100 илјади евра


Студени лица на двата краја на огромната конференциска маса (Фото: Спутник/АФП)

Долгата маса што го привлече светското внимание кога рускиот претседател Владимир Путин ја искористи за состаноци со странски лидери овој месец, беше направена во Италија од мала семејна фирма која исто така опреми десетици други простории во Кремљ, пишува Ројтерс.

Белата маса – долга околу шест метри – стана центар на вниманието на јавноста кога Путин му беше домаќин на францускиот претседател Емануел Макрон на разговори за украинската криза. Тие седеа на секој крај од масата. 

Но не беше Макрон прв оваа година што седеше на таа маса во Кремљ при разговори. Пред него таму беа и унгарскиот премиер Виктор Орбан и иранскиот претседател Ебрахим Раиси. На истата таа бела маса. Орбан по разговорите изјави дека никогаш не седел еден спроти друг на толку долга маса.

Масата ја изработи фирмата „Оук“ од Италија. Нејзиниот директор Ренато Полоња рече дека масата е само еден од многуте предмети што неговата фирма „Оук“ ги направила за Кремљ според договор во 1995-1997 година.

На почетокот од годинава на истата маса во Кремљ беше и иранскиот претседател Ебрахим Раиси

„Масата е навистина врвот на ледениот брег. Севкупно, обезбедивме мебел и опрема за околу 70 соби. Некои од другите маси се уште поголеми“, изјави тој за Ројтерс. Сцената на Путин и Макрон кои седат толку далеку еден од друг, ги поттикна корисниците на Твитер да ги уредат сликите за да ја прикажат масата како лизгалиште, тениско игралиште, класје, па дури и како онаа што се користела во Христовата Тајна вечера.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин одлучил да седи толку далеку за да го заштити своето здравје откако Макрон одбил да направи руски тест за Ковид-19. Но снимките од почетокот на годинава покажуваат дека не билопричина само одбивањето на Макрон. Путин избегнува да биде блиску до секој човек, па и со неговите блиски соработници. Министрите за надворешни работи и одбрана, Сергеј Лавров и Сергеј Шојгу, пред два дена му реферираа на Путин на уште поголема маса и на поголемо растојание од Макрон. Белата маса беше повторно  изложена во вторникот кога Путин се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Полоња рече дека горниот дел од масата е направен од едно единствено парче буково дрво, поддржан на три издлабени дрвени држачи. Лакирана е во бела боја и од страна е позлатена.

„Ако сакате да купите нешто слично денес, тоа би чинело околу 100.000 евра“, вели Полоња. „Беше прекрасно да се видат фотографии од масата насекаде. Да се надеваме дека ќе донесе малку среќа и ќе ја запре војната во Украина“, вели Полоња. Според договорот од 1990-тите, фирмата „Оук“ декорирала околу 7.000 квадратни метри од Кремљ, распоредени на два ката, вклучувајќи ја и приватната резиденција на претседателот.

Виктор Орбан зборуваше со задоволство за големата бела маса по неодамнешната средба со Путин

Полоња рече дека просторот го уништил Сталин, така што руските дизајнери морале детално да ги прегледуваат архивите за да се реконструира изгледот на местото пред Октомвриската револуција во 1917 година. Русите ѝ обезбедиле на „Оук“ дизајни за секоја соба. Договорот бил вреден меѓу 40 и 50 милиони евра, а целиот мебел бил направен во Италија, а потоа пренесен во Русија. Првата работа што била направена таму е да помине низ огромни скенери за да се провери дали има уреди за прислушување. Дури потоа бил пренесен во Кремљ.

Ренато Полоња во разговор за „Кориере дела сера“ вели дека должината на масата можеби сега одговара на ситуацијата со ковидот, но нема никаква врска со пандемијата. „Ја направив пред 25 години. Тогаш требаше да се одржуваат состаноците на Г8. Требаше да опремиме 7.000 квадратни метри. Меѓу нив е и оваа сала каде што беше средбата на Пуртин со Макрон, но и познатата Екатеринина сала. Тоа беше договор клуч на рака. Мебел, подови, дрвени панели, сите светлечки тела, камини, гипсени тавани, мермерни краеви на ѕидовите…  Јас правам мебел. Работата различна од производството на мебел ја споделив со други компании подизведувачи“.

Полоња вели дека масата и салата каде што Путин ги одржуваше средбите со Макрон, Шолц, Орбан се во зградата што може да се види зад мавзолејот на Ленин, сегашното седиште на претседателските канцеларии плус претседателската резиденција.

Полоња објаснува дека до работата во Кремљ стигнале преку една претходна нарачка. „Оук“ била избрана десетина години претходно преку конзулатот во Милано. Тогаш од нив побарале мебел за опремување стан во една од зградите на Кремљ.

Тоа е најголемата поединечна нарачка што ја имала „Оук“, но Полоња вели дека неговата компанија работела низ целиот свет, вклучително и во кралските палати во Брунеи и Тајланд. Работеле за шеици и кралски семјства во арапскиот свет, за резиденциите на султаните во Малезија. Имале нарачки и од семејствата на Гадафи и Садам Хусеин. Но и од многу богати луѓе кои не се во политиката, во историски градби, во Монте Карло, на француската ривиера, во Лондон. Во Италија имале само неколку муштерии.

„Оук“ (во превод – даб) е основана од дедото на Полоња и вработува околу 50 луѓе. Седиштето ѝ е во близината на Комо во северна Италија „Ова е најдоброто од Италија“, вели тој. „Семејни бизниси кои пренесуваат вештини и ресурси од генерација на генерација“. (Љ.П.)