„На Орбан треба да му дадеме орден, да го прогласиме за херој“: Мицкоски го фали пријателот
Премиерот призна дека патувал во Америка во бизнис класа затоа што имал проблем со колената и му требало повеќе простор меѓу авионските седишта
Извонредна ода на пофалба изрече вечерва премиерот Христијан Мицкоски за унгарскиот лидер Виктор Орбан за тоа што неговата влада ќе ѝ даде на македонската влада кредит со камата од 3,25 отсто. Тој во интервју за Телма ги отфрли забелешките дека може да се работи и за политички или други концесии.
„Ние треба да му дадеме орден на Виктор Орбан. Да го прогласиме за херој затоа што ни помага. До ова специјална економска соработка дојде и поради моето лично пријателство со Орбан и за тоа се разговараше и во времето кога бевме во опозиција и се правеа планови како би работеле доколку дојдеме на власт“, рече Мицкоски.
Тој не знаеше да каже од каде ќе ги набави парите унгарската влада, затоа што не сака да навлегува во тоа. Околу прашањата што се појави и за логиката како унгарската влада самата позајмува парисо шест отсто камата, а на Македонија ѝ дава заем со 3,25 отсто, мицкоски одговори:
„Наместо да речеме ‘Алал нека му е‚‚ ние сме скептични“.
Според него Македонија со заемот влада-со-влада идната година за исплаќање на еврообврзницата од 500 милиони евра ќе заштеди 120 милиони евра за камати.
Мицкоски потврди дека патувал за САД со бизнис класа од Виена до Вашингтон. Но тоа било поради тоа што тој (иако постојано нагласува дека има страст за планинарење) имал проблем со колената поради тоа што бил висок и затоа му требало повеќе простор меѓу авионските седишта.