„На некои фотељата им стана помила од народот“: Мицкоски од утре почнува реконструкција на Владата
Премиерот и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Струмица на одбележувањето на 36 години од постоењето на партијата се осврна и на претстојната реконструкција на Владата и порача дека сите отстапувања прецизно ги нотира, ќе има промени, како и дека нема да толерира занес во привилегиите што ги нуди власта.
Нагласи дека од од утре ќе почне да работи на оваа тема, откако во финиш се екипирањето и промените во партијата, каде што има над 30 проценти нови претседатели на комитети, а следуваат и нови претседатели на Унијата на жени и на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
– Морам да кажам дека кога станува збор за Владата, многу прецизно го детектирам и следам феноменот што дел од ешалоните скршнуваат од она што треба да биде кодекс на однесување и принципи на Владата. Очигледно има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот. Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме – рече Мицкоски.
Истакна дека пред осум години почнал токму од Струмица, кога станал претседател на ВМРО-ДПМНЕ, со посета на месните комитети, со еден партиски автомобил, кој неретко се расипувал, со една наследена и истрошена камера и со двајца-тројца луѓе околу него. Но желбата за успех, додаде, била голема.
– Ова време не треба да го заборави никој. И ова е порака дека нема да толерирам занес во привилегиите што ги нуди власта. Ние сме овде да му служиме на народот. Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи. Кога јас можам да одговорам во текот на денот на стотици луѓе, сигурен сум дека тоа го може секој министер или директор. Да, не е лесно, но на народот му е потешко и не сакам изговори. Моите соработници ми велат: „Претседателе, многу сте меки во вашиот карактер.“ Точно е. Јас на човек скоро и да не сум му повишил тон. Мојот праг на толеранција е огромен, кон секого се однесувам со почит и разбирање, што е и моја домашна култура, но тоа не значи, никако не значи, дека сум наивен и дека ќе толерирам несовесност и скршнување од принципите – истакна Мицкоски.
Додаде дека не прифаќа оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен, а на уморните им порача дека е чесно само да си заминат.
– Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Сакам секој од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен – рече Мицкоски.
Тој додаде дека не тие се тркаат со опозицијата, бидејќи, како што посочи, таа не им е репер, како и дека го чувствува нивниот страв од избори.
– Што се однесува, пак, до нашите противници, го чувствувам нивниот страв од избори. Ова е единствената опозиција во светот која не сака избори. Кога ќе се спомнат избори, ги фаќа уплав. Држат прес-конференции, лажат, манипулираат. Се претворија во аналитика на Бирото за јавни набавки… Јас сега ќе работам на реконструкцијата на Владата, но од опозицијата треба да внимаваат што изјавуваат во однос на изборите, затоа што може и да им се оствари она што декларативно го зборуваат. Кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна: ние сме подготвени. Подготвени сме за секое сценарио – порача Мицкоски.
Тој во говорот се осврна и на досегашната работа на Владата во овие две години.
– Покажавме дека со скромни ресурси можеме да направиме многу. Во овој кус период направивме Македонија да биде во топ пет во Европа по раст на БДП. Постигнавме историски рекорд од 1,255 милијарди евра странски директни инвестиции. Работиме на шест нови автопатски решенија. Проекциите се дека тие ќе бидат завршени до крајот на 2027 година – изјави Мицкоски.
Ги потенцира десетте милијарди евра во капитални инфраструктурни проекти и инвестиции во наредните 10 години, во нови автопати, експресни патишта, пруги и обнова на постојните, здравствени и енергетски капацитети.
Ги спомена автопатот Кичево–Охрид, Букојчани–Кичево, ја објави работата на нов експресен пат Радовиш Струмица, како и најавата за почетокот на делницата Блаце–Скопје, следната година.
Во овој контекст ги наброја и делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани, Прилеп–Битола, а како новост, важна за источниот регион на државата, го наведе експресниот пат Кочани–Виница–Делчево, кој е во фаза на проектирање, а значително ќе го скрати патот Кочани–Делчево.
– Во овие проекти се надоврзува и експресниот пат Романовце–Страцин. Денес конечно овде, во Струмица, се заокружи проектот за реконструкција и изградба на струмичката болница, што беше ветуван и заглавен со децении. За ова се инвестираа 280 милиони денари, рече Мицкоски.
Говореше и за образованието, нагласувајќи дека втора година по ред, има учебник за секое дете, буџетот за високото образование во 2022 година бил помалку од 3 милијарди денари, а во 2026 година за универзитетите има 8 милијарди денари. Буџетот за наука од 380 милиони денари во 2024 година, додаде тој, го зголемивме на 773 милиони денари во 2026 година.
– За две години исплативме една милијарда денари повеќе субвенции за земјоделци отколку претходната влада за три години. Оваа Влада, за две години, има исплатено околу 15 милијарди денари, што значи една милијарда денари повеќе отколку што тие исплатија за три години. Тоа е вистината и ова се бројки, изјави Мицкоски во говорот.