На Косово му се закануваат со враќање на визниот режим за ЕУ
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека евентуалната одлука за укинување на визите за косовските граѓани од 1 јануари 2024 година ќе го убие дијалогот меѓу Косово и Србија, пренесе „Косев“.
Таа оваа изјава ја даде повикувајќи се на ставот на францускиот претседател Емануел
Макрон, кој рече дека неговата земја ќе ги разгледа обврските што ги презела
во однос на економските прашања и визната политика за Косово и Србија, доколку не се однесуваат одговорно.
„Би рекла дека ова е начин да се убие дијалогот еднаш засекогаш. Ако некој сака да стави
крај на дијалогот, тогаш ќе преземе такви мерки кои се казнени мерки против
народот на Косово. Тие не се насочени против ниту еден лидер, не се насочени против политиката,тие се насочени против народот на Косово. И таква невидена казна, што е
голема неправда, ќе доведе до влошување на дијалогот. Никој нема мандат да оди
во Брисел кога народот на Косово е казнет“, рече Османи при посетата на
Споменикот на исчезнатите во Приштина.
Косовската претседателка додаде дека земјата веќе постигнала договор со ЕУ на 10 јули
во Братислава за деескалација на ситуацијата во северниот дел на земјата.
Таа истакна дека договорот предвидува намалување на присуството на Косово
полицијата во и околу општинските згради во северниот дел на земјата и работи на организирање нови избори. Според Османи, законската основа за одржување на овие избори ќе биде готова на 1 септември и нагласи дека очекува ЕУ да ги укине казнените мерки против Косово, што таа ги оцени како нефер и непропорционални.
Друга точка од договорот од Братислава предвидува најбрзо можно продолжување на дијалогот на високо ниво меѓу Косово и Србија. Шефицата на косовската држава очекува во септември да се направи чекор во оваа насока.