На Халкидики се удави 75-годишна македонска државјанка


Атина – Вчера попладне 75-годишна македонска државјанка била извлечена без знаци на живот на плажата Созополи во општина Неа Пропонтида, во близина на првиот крак на Халкидики, веднаш ѝ била укажана прва помош од екипа на итната медицинска служба, по што била пренесена во болница, но лекарите констатирале смрт, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција соопштија дека крајбрежната управа на Неа Муданија била информирана дека „75-годишна странска државјанка (државјанка на Република Северна Македонија) била извадена без знаци на живот од плажата Созополи, во општина Неа Пропонтида“.

По пристигнувањето на возило на брзата помош ѝ била укажана прва помош, а потоа пренесена во Здравствениот центар во Неа Муданија, каде што била констатирана смрт.

Дополнително информираа дека во рамките на прелиминарната истрагата било наредено да се изврши обдукција во Институтот за судска медицина во Солун.

Според информациите на МИА, ова е четврти случај на давење на македонски државјанин на грчките плажи за оваа сезона.

Во изминатите два месеци животот го загубија 20-годишно момче на првиот крак на Халкидики, 77-годишна жена на вториот крак и 80-годишен маж во близина на Кавала.