На Груевски ќе му се суди и натаму за „Титаник“, нема одлука за застареност


 

Ниту обвинителството ниту адвокатите денеска на продолжението на судењето во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности не ги споменаа измените во Кривичниот закон кои се однесуваат на застареност на некои дела. Судењето продолжи како ништо да не се случило, со испрашување на сведоци.

Во овој случај обвинет е и екс-премиерот Никола Груевски. Според анализа на невладините организации кои ја следат работата на судството, со последните измени на Кривичниот законик за Груевски би застарело делото „злосторничко здружување“ во овој предмет кој се однесува на изборни нерегуларности.

Адвокатите на обвинетите велат дека нема да предложат да се констатира застареност на кривичното дело злоупотреба на службената положба, бидејќи судот мора да чека на изјаснување на Јавното обвинителство.

Обвинителката Лиле Стефанова на новинарите им кажа како ќе оди постапката: Во оваа фаза нема да констатира застареност на ова кривично дело затоа што обвинетите се судат и за други кривични дела. И дека тоа ќе го направи во завршните зборови, а пред изрекувањето на пресудата. Стефанова дополни дека со тоа нема да им промена во трошоците на постапката. Не е прецизирано кога ќе дојде ред на завршните зборови во случајот, но тоа не се очекува да се случи наредниот месец или два.

На обвинетите ќе продолжи да им се суди за повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Процесот „Титаник“ се однесува на изборни нерегуларности. Им се суди на 16 обвинети, меѓу кои и на поранешните, премиер Никола Груевски и генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски. Претходно во овој случај осудени се шефот на кабинет на Груевски, Мартин Протуѓер. како и екс-министрите од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска. Со измените на Кривичниот законик за Груевски и Божиновски делото е застарено.

Следното рочиште е закажано за 20 септември.