На Глигоров му понудиле 100 милиони долари за промена на името. Тој одбил, открива ЦИА
Грција во 1992 година му нудела на тогашниот македонски претседател Киро Глигоров финансиска помош од 100 милиони долари за земјата во замена за промена на името на државата, но тој го одбил предлогот, се наведува во неодамна декласификуван документ на американската тајна служба ЦИА, кој го пренесува македонската редакција на Дојче веле.
„(…) и покрај големата економска потреба на Македонија, Глигоров одбил приватна понуда од грчки функционери од 100 милиони долари финансиска помош под услов името да се промени”, се наведува во документот кој датира од 6 ноември 1992 година, а објавен е на страниците на дигиталната библиотека на декласифицирани документи на ЦИА- ФОИА во јануари годинава.
Во своите мемоари „Македонија е сѐ што имаме“, Глигоров не го споменува овој податок, но споделува друг, дека нему лично му било нудено мито од еден милион долари од грчки посредници за да се согласи на промена на името, но тој тоа го одбил.
Документот на ЦИА го опишува Глигоров како „почитуван државник-ветеран и реформатор”, кој „доследно работи на балансирање на спротивставените сили во неговата република и низ целиот Балкан.”
„Го опишуваат како ‘мудра стара лисица’ која ги импресионирала со своето чувство за стратегија и со познавање на деталите”.
Во документот се наведува дека Глигоров ги сметал српскиот и хрватскиот претседател Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман за виновни за кризата во Југославија. Глигоров, се наведува, ги одбил понудите на Милошевиќ за формирање „сојуз со српски доминираниот остаток од југословенската држава“, но му бил привлечен планот на премиерот Милан Паниќ за балканска економска унија (која според Глигоров требала да ги опфати и Грција и Турција).
„Претседателот вели дека сака да остане во политиката сè додека демократијата цврсто не се зацврсти – цел која е загрозена од континуираните тензии меѓу големото албанско малцинство и ултранационалистичката Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство (ВМРО–ДПМНЕ)“, се наведува во документот на ЦИА.
Киро Глигоров беше првиот претседател на независна Македонија. Беше избран од страна на Собранието на 27 јануари 1991 година, и раководеше со земјата се до 1999 година. Почина на 1 јануари 2012 година.