На браникот


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Во нашата чудесна Македонија е турканица на браникот на татковината. Модри на градите од самотапкање и удирање во гради многумина херојски стојат на браникот на татковината сѐ додека не се дадат во бегство и застанат на браникот на украдените пари

 

Никој не смее да ве тепа – извикуваше Милошевиќ на Газиместан кон насобраната толпа, мислејќи на тоа дека повеќе нема се дозволи кршење на човековите права во тогашната покраина Косово. Времето ќе покаже дека токму тој и неговата политика доведоа до тоа неговиот народ на различни начини биде тепан со години. Убиства на новинари, јавни личности, неистомисленици, киднапирања, цензурирања, репресија, создавање на тајни вооружени единици, создавање на тајкуни и богатење на криминалците, политички прогон и политички судења беа само мал дел од секојдневието на српскиот народ. Човекот кој тврдеше за себе дека е на браникот на татковината ја урниса и уназади иднината на својот народ и беа потребни децении овој народ само навидум да ги залечи своите рани.

Менталниот склоп и системот на морални вредности кај луѓето беа трајно сменети и изместен, па така она што некогаш беше ненормално сега е сосема нормално. Партизирање на државата и секоја институција, вработување само на партиски кадри и унапредувања според партиската припадност, а не според знаењето и квалитетите, доведоа до тоа  државата да се претопи во партија, а партијата да стане држава. Популизмот и желбата што подолго да се остане на власт ја избришаа поделбата на власта, па законодавната и судската власт станаа само сервис и егзекутор на извршната власт. Истиот тој семоќен и незаменлив од браникот на татковината замина во Хаг и заврши како бројка на судски предмет и контоверзна историска фигура, од бог заврши на глогов колец.

И кај нас, во нашата чудесна Македонија, е турканица на браникот на татковината. Модри на градите од самотапкање и удирање во гради херојски стојат на браникот на татковината сѐ додека не се дадат во бегство и застанат на браникот на украдените пари, некаде далеку во некој хотел или имот купен со наши пари. Партијата стана држава, државата партиска сопственост, власта семоќ и недопирливост, партиската книшка гарант за неказнивост и напредување, државната каса стана сопствен џеп. Политиката стана алфа и омега, а правото и економијата маргинални области.

Јас сум на браникот на татковината, јас ќе ја воздигнам и државата и народот до невидени височини – со своето препотентно однесување му праќаше порака на народот додека го разнебитуваше неговиот идентитет со барокот и антиквизацијата и додека ги приграбуваше народните пари и градеше непотребни кич глупости. Како вистински „дил ориентид“ лидер се обезбеди себеси и подалечна и поблиска фамилија за три живота и од браникот на татковината замина кришум и крадешкум ноќе во некое жолто комбе и заврши на прагот на хотел во Будимпешта.

Еден друг пак кој беше страв и трепет и чие име само се шепотеше во државата изјави дека тој ќе биде секогаш на браникот на општеството. Најверојатно поради релативноста на времето тоа негово секогаш пократко трае од вообичаеното секогаш, па замина од браникот на татковината во непознат правец, но храбро и одважно дење, а не као некои ноќе. Друг на браникот на правдата и извршната власт викајќи по министрите, заанувајќи се дека сите институции ќе сносат одговорност, дека семејството ќе одговара за помагање во бегство, ги натера институциите да прорабоотат и да гледаат како избеганиот бранител сам се враќа на браникот на општеството. Среќа што сам се врати, инаку институциите ќе го вратеа исто онака како што ги вратија и другите од Грција, Унгарија, Шведска.

Јас сум единствениот што се бори и стои на браникот на криминалот, изјави лидерот на опозицијата во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24. Добро е што е некој и на тој браник, оти на браникот на татковината стана гужва и не може да се почитува дистанцата од 2,5 метри пропишана од оној на браникот на здравјето. Изјавата не е многу јасна, па не сум сигурен од која страна на браникот на криминалот се наоѓа.
Драго ми е и полна ми е душата што на браникот на слободата секогаш стои некој и што испразнетите места веднаш се пополнуваат, ама барем некој наместо за браникот да се фатеше за воланот, па и некој правец да фатиме наместо да се вртиме во круг.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)