На Богодорица се чека и до четири часа
Сообраќајниот метеж на јужната граница го смени правецот, па така од вчера попладне се бележат огромни и долги колони возила на граничниот премин Богородица за влез во Македонија. Голем број граѓани преку социјалните мрежи револтирано коментираат дека процедурите се одвиваат исклучително бавно и дека времето на чекање за пасошка контрола трае дури и до четири часа.
Километарските колони составени од автомобили, автобуси, кампери и мотоцикли целосно го блокираа меѓуграничниот простор, додека во спротивниот правец, односно за излез од државата и влез во Грција, сообраќајот во моментов е релаксиран и нема поголеми задржувања за разлика од претпладневните часови.
До возачите се апелира постојано да ја проверуваат состојбата преку Авто-мото сојузот на Македонија. Како препорака се наведува патувањето да се планира во доцните вечерни часови, кога иако времето на чекање веројатно ќе остане слично, сепак ќе се избегнат екстремно високите дневни температури.
Според проценките на терен и искуствата од претходните викенди на стартот од летната сезона, критичната ситуација на Богородица се очекува да остане речиси идентична и во текот на денешниот ден. Големиот прилив на патници кои се враќаат во земјава или транзитираат кон север по завршувањето на продолжените викенди, наведува на заклучокот дека притисокот врз граничните служби ќе биде континуиран во текот на денот.
Патниците се советуваат да бидат подготвени со доволно залихи на вода, да покажат максимално трпение во сообраќајниот шпиц или, доколку имаат можност, уште на почетокот на патувањето да се пренасочат кон помалите и алтернативни гранични премини каде што фреквенцијата на возила е традиционално помала.