На актуелниот директор на Музејот на албанската азбука ќе му се суди за проневера на пари

Нуер Арслани беше директор на Музејот подолг период во времето на владата на Никола Груевски и потоа остана и кога на чело на владата беше Зоран Заев


Музејот на албанската азбука во Битола

 

БИТОЛА – Историчарот Нуер Арслани се врати на чело на Музејот на албанската азбука во Битола во ситуација кога за него почнува судски процес во Основниот суд во Битола за проневера на над 4 милиони денари државни пари. Основното јавно обвинителство против него покрена обвинение за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.

Арслани беше директор на Музејот подолг период во времето на владата на Никола Груевски и потоа остана и кога на чело на владата беше Зоран Заев. Пред речиси две недели повторно е назначен за вршител на должност во Музејот на албанската азбука во Битола. Всушност, предвреме од директор бил разрешен Заит Алиу, кој имал мандат до крајот на оваа година и поставен е Арслани. 

Против Арслани, на почетокот на декември 2021 година, СВР Битола поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола.

Во кривичната стои дека – „Пријавениот, во својство на службено лице, директор на Националната установа – Музеј на албанската азбука во Битола, во периодот од 2015 до 2020 година во повеќе наврати постапил спротивно на Закон за јавни набавки и Закон за музеите и на повеќе физички лица им овозможил незаконски да се стекнат со имотна корист, а со тоа го оштетил буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 4.128.551 денари.“

Предметот од ОЈО Битола беше префрлен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција затоа што се работи за злоупотреба на средства директно од буџетот на Македонија и сега вратен во ОЈО Битола.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по спроведена постапка, на 15.07.2024 година поднесе обвинение против наведеното лице за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст. 4 в.в. со ст.1 в.в. со чл.45 од Кривичниот законик. Со оглед на измените во Кривичниот законик, предметот беше пренесен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Битола за да го застапува предметот пред Основниот суд во Битола. Судската постапка е во тек“, потврдуваат од прес-службата на ОЈО за „Независен“.

Арслани денеска во разговор за „Независен“ вели дека е поставен за вршител на должност на Музејот и дека досега не е осудуван. Не сакаше да коментира повеќе околу кривичната пријава и обвинението за проневера на државни пари, а рече дека не е запознаен ниту дека почнува судски процес.

„Институциите си ја знаат својата работа, јас сум именуван од Министерство за култура за вршител на должност, осудуван – не сум! Кога ќе излеземе на суд ќе се види за обвинението, нека одлучат судиите. Нивна работа. Јас бев директор од 2015 до 2020 година на Музејот, дел со мандат и неколку пати како вршител на должност. Сега сум повторно назначен за вршител на должност од редот на вработени, никој друг не прифаќаше и за да продолжи непречено со работа установата сѐ до распишување на огласот“, вели Арслани во изјава за „Независен“ и потврдува дека претходниот директор Алиу бил предвреме разрешен.

На веб-страната на Музејот може да се најде само завршната сметка за работата на Музејот за 2019 година, потпишана од Арслани. За други години од финансиската работа на институцијата нема податоци, освен за реализирани проекти.   

Во Музејот на албанската азбука во Битола се вработени петмина, вклучително и Арслани кој е историчар-кустос вработен од 2011 година. Музејот е посетуван во текот на целата година со посетители од државата и странство.

Националната установа „Музеј на албанската азбука“ – Битола е основана со одлука на Владата од 24 ноември 2009 година, заради заштита, истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување и проучување на музејските предмети значајни за азбуката на албанскиот јазик. Во музејските витрини има документи од огромно значење кои сведочат за развојот на албанската азбука низ вековите.