На 29 март 2026 започнува летното сметање на времето


Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за утврдување на почетокот и завршувањето на летното сметање на времето во 2026 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 58 од 19 март 2026 година.
 

Летното сметање на времето почнува ноќта од сабота кон недела во 2 часот кога стрелките на часовникот ќе се поместат еден час напред и наместо 2 часот ќе биде 3 часот. 

Промената на времето кај нас, како и во повеќето европски земји, се случува двапати во годината и тоа последниот викенд во март кога почнува летното сметање на времето и последниот викенд во октомври кога почнува зимското сметање на времето.

 

Освен кај нас, летното сметање на времето ќе го применат и поголем дел од европските земји, освен Русија, Турција, Белорусија и Исланд. Сезонското менување на времето, покрај во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година. Но, Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука, па не е сосема сигурно кога ќе биде последното поместување на часовниците. Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.