Mемети: Опозицијата и власта да не се условуваат ако сакаат да направат реформи
Процесот за зајакнување на институцијата Народен правобранител е само на хартија, финансии за таа цел се предвидени, но заложбите останаа единствено во Законот, изјави вечерва народниот правобранител Иџет Мемети во емисијата Топ-тема.
Негова оценка е дека ако опозицијата и власта сакаат да прават реформи, нема да се условуваат, туку ќе седнат и ќе го направат тоа за доброто на државата.
– Оваа институција и денес со сите оддели што ги има, не функционира како што би требало. Во Одделот за следење на судската работа нема ниту еден вработен, додека во Одделот за дискриминација има само еден, а предвидени се тројца. И според мене и според странците имаме смешен правен систем во однос на оваа работа. Не гледам дека и новата Влада има волја тој систем до крај да се заврши, потребна е измена на голем број закони, рече Мемети.
Институции кои најмногу реагирале и почнале со спроведување на препорачаните мерки, согласно системските реформи на патот на земјата кон ЕУ, според Мемети, се министерствата за образованиие, за внатрешни работи, за правда и за здравство.
– Нема повратни информации што прават другите во однос на тоа што го добиле како задача од Владата. Треба да ја информираат за таа во мај да може да се подготви и да излезе со посебен извештај и да даде отчет. Не знам дали до крај е завршена некоја од тие препораки, многу од нив се промени на системски закони, додаде омбудсманот.
Во извештајот за 2017 се наведува дека Народниот правобранител работел по вкупно 4.185 претставки од кои во извештајниот период се примени 3.223 од 3.387 подносители (граѓани-подносители, организации, здруженија), а останатите 962 се пренесени од претходната година. Граѓаните најчесто сметале дека правата им биле прекршени од јавните служби и установи, централната власт, а на трето место е локалната. Во однос на сектори, правосудството е на прво место, потоа се финансии, царина, потрошувачки сектор, казнено-поправните установи, работните односи.
Симонида Кацарска од Инститот за европски политики нагласи дека поради случувањата изминатите години дел од рализацијата на правата за кои говори Мемети не можеле да бидат остварени, бидејќи институциите не функционирале.
Зоран Нечев од Институтит за демократија – Социетас цивилис, споменувајќи ги трите столба на реформите содржани во Планот 3-6-9 правосудство, јавна администрација и следењето на комуникациите нагласи дека земјата се уште е во фаза прескокнување, односно со цел да се одмрзне препораката за преговори се преземаат одредени мерки, но не се оди подлабоко.
Вицепремиерот Бујар Османи вчера изрази оптимизам дека Извештајот што ЕК ќе го објави на 17 април ќе содржи валоризација на целиот досегашен труд и чиста препорака за почеток на преговори за полноправно членство, додавајќи дека ќе претставува финале на Планот 3-6-9.