МЖСПП најави регистар на загадувачи – фирмите сами ќе ги попoлнуваат податоците
Министерството за животна средина и просторно планирање денеска најави пакет засилени мерки со кои ќе се зајакне контролата врз индустриското загадување и ќе се подобри управувањето со природните ресурси, при што фокусот, како што беше нагласено, се префрла кон институциите и индустриските оператори.
Така, најави воспоставување регистарот на загадувачи, нов систем кој ќе собира сигурни и споредливи податоци за емисиите, потрошувачката на енергија, вода и суровини, како и за преносот на отпад – инструмент што, според Министерството, ќе биде клучен за транспарентност и за зголемена одговорност на сите носители на А‑интегрирани еколошки дозволи.
Како што информира министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, новиот закон за индустриски емисии ќе стапи во сила во септември 2027 година. Во периодот што следува Министерството ќе организира средба со сите оператори што поседуваат А-интегрирана дозвола, со цел навремено информирање и подготовка за новите обврски. Најави и јавна расправа за новата дозвола на „Усје“, како и засилување на контролните механизми.
Една од клучните мерки што се подготвува е регистарот на загадувачи, кој ќе биде тема и на состанок со индустриските оператори во април. Регистарот ќе содржи податоци за емисии на загадувачи, пренос на отпад, потрошувачка на енергија, вода и суровини и ќе овозможи споредливи и сигурни информации.
– Ова не е само техничко решение, туку механизам за зголемена одговорност кај сите што имаат интегрирана еколошка дозвола – беше истакнато.
Дополнително, од Министерството појаснија дека регистарот ќе опфаќа мерења што ќе ги проследуваат самите индустрии.
Хоџа посочи дека институциите работат и на мерките за намалување на загадувањето од греењето. Во 21 јавен објект веќе е сменет системот за греење како дел од поширок процес, кој треба да опфати 70-ина објекти. Паралелно, потсети дека е активна и мерката за субвенционирање инвертер-клими, со која 4.700 домаќинства ќе добијат уреди со повисока енергетска ефикасност.
Министерот најави расправа за Белчишко Блато за заштитено подрачје и јавна расправа на закон за природа, кој ќе биде објавен на ЕНЕР.
Дополни дека во владина процедура набргу ќе влезат законите за Студенчишко Блато и за Охридското Езеро.
Регионалните центри за отпад работат според предвидената динамика, паралелно се спремаат тендери за нови регионални центри.
– Првин ќе почнеме со Новаци и Русино, во тек е постапката за Свети Николе – рече министерот.
За колекторскиот систем за Скопје, чија претходна ИПА 2-постапка беше раскината поради неквалитетна изведба, сега продолжува со национално финансирање. Во тек е тендерската постапка за довршување на преостанатите 900 метри, а пречистителната станица е во изградба и треба да биде завршена до 2029 година.
– По пуштањето во употреба, цената за водата може благо да се зголеми бидејќи трошокот за третман на отпадни води ќе се пресметува преку фактурите од „Водовод“, во надлежност на локалната власт – информираа на брифингот.
За малата депонија во ОХИС е формиран интер-партнерски фонд за чистење. До сега се исчистени три од пет базени, а процените се дека има до 1.000 тони отпад со хексахлороциклохексан (HCH) и дополнително загадена почва.
– Договорот за дополнителни средства е веќе потпишан, а тендерската документација е во изработка. Владата има заклучок да обезбеди средства за наредните три години – посочија тие.
Во однос на репрогласувањето на Националниот парк Маврово, информираа дека по повеќе од 40 години, Маврово се подготвува за репрогласување. Постапката е пред јавна расправа, студијата е готова, а дополнително се анализира сегментот на строга заштита.
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, на брифингот информира дека биле спроведени 366 надзори, издадени 108 решенија и иницирани казни од над 450.000 евра.
Во март е направен и вонреден надзор во „Усје“, со мерени тешки метали. Резултатите се очекуваат во наредните денови.