Протест „Кој е следен“ во Скопје – МВР забрани снимање со дрон над плоштадот и улиците


Фото: Б. Грданоски

Попладнево се одржуваат повеќе протести во неколку градови низ Македонија, како и во главниот град, кој почна во 18.59 часот, од плоштадот „Македонија“, пред Собранието, а по улицата „Филип Втори“, и по мостот „Гоце Делчев“ ќе заврши пред Владата.

На плоштадот „Македонија“ веќе се собраа стотици луѓе, по чадори затоа што врне, кои протестираат против системот и нефункционалноста на институциите. 

Носат голем транспарент на кој пишува „Системот е следен“, за разлика од претходните денови кога прашуваа „Кој е следен?“.

Тие скандираат “Доста беше смрт”, “Секој еден, може да е следен”, “Правда за жртвите” и “Доста бевме ние, системот е следен”. Може да се видат и транспаренти на кои пишува “колку мито треба за да ги вратиме жртвите”, “нема тишина, само правдина”,…

Истовремено, МВР изнформираше дека овие улици се затворени за сообраќај, а попладнево стигна соопштение во кое се вели дека Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните и сите корисници на воздухоплови без екипаж (дронови) дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење на било какви операции со воздухоплови без екипаж (дронови) на територијата на град Скопје:

1. Плоштад „Македонија,
2. Улица „Димитрие Чуповски“,
3. Булевар „11 Октомври пред Собрание на РСМ,
4. Улица „Филип Втори“,
5. Булевар „Гоце Делчев“ до булевар „Илинден“ и
6.      Пред Влада на РСМ.

Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја.

Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство.

Апелираме до граѓаните во овие денови на неизмерна тага и болка во рамки на загарантираното со Устав право на собирање и одржување на протест, истите да се одржат во мирна атмосфера, да се почитуваат веќе донесените одлуки од страна на државните институции и да се почитуваат наредбите и насоките од страна на полициските службеници, во насока на обезбедување на мирот, безбедноста и сигурноста на сите граѓани во државата.

 
Насобраните граѓани се ушатија пред пред Градската болница каде аплаудираа пет минути за здравствените работници. А пред Владата планиран е шестнаесетминутен молк.
 
Од движењето поставија и конкретни барања пред собирот. Првото е транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот ,,Пулс” од неговото отварање до несреќата од Државен пазарен инспекторат, Министерство за eкономија, Државен градежен инспекторат, Министерство за внатрешни работи, Државен инспекторат за урбанизам, Локална самоуправа во Кочани, Локален градежен инспекторат, Дирекција за заштита и спасување и Управа за јави приходи.
 

„Koj е следен?” во најавата за маршот напоменува дека е исклучиво против секаков вид насилство и провокации, а воедно се оградува и од каков било повик, скандиранье (говор на омраза) или однесуванье кое има за цел да го наруши јавниот ред и мир.

-Забранети се партиски обележја зашто протестот е граѓанска иницијатова и не смее да се партизира. Учесниците да ги почитуваат инструкциите на редарите, да избегнуваат секаков вид провокации, да не носат остри предмети, оружје, пиротехника и да не фрлаат отпад, наведуваат од „Koj е следен?”.

Додаваат и дека е забрането уништување на јавен и приватен имот.