МВР воведе електронско плаќање на казните за странци – сообраќајот на Табановце нормализиран


Сообраќајот на граничниот премин Табановце е нормализиран и во моментов се одвива без поголеми задржувања, информира Министерството за внатрешни работи.

Од МВР посочуваат дека во изминатиот период на преминот биле регистрирани зголемени задржувања поради постапувањето со возила со странски регистарски ознаки кај кои системот „Безбеден град“ евидентирал сообраќајни прекршоци.

Како дополнителна мерка, во функција е ставена и мобилната апликација „Безбеден град“, која во оваа фаза е наменета за странски државјани.

Преку апликацијата, странските возачи можат да добијат информации дали имаат евидентиран сообраќаен прекршок, дали им е издаден платен налог, како и електронски да ја подмират глобата. 

Од Министерството велат дека токму оваа можност ја забрзала постапката и придонела за намалување на задржувањата на Табановце.

Во претходните денови на овој граничен премин се создаваа долги колони откако почна практичната примена на санкционирањето на странските возачи чии прекршоци биле регистрирани од „Безбеден град“.

МВР најавува дека ќе продолжи со мерките за непречен проток на возила и патници преку граничните премини.