МВР: Проблемот со Вјоса Османи се влошил кога дошло обезбедувањето на Африм Гаши
Сликата околу инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи и одбивањето нејзините работи да поминат низ скенер, полека добива свои обриси.
МВР потврди дека при обидот на вработените на ТАВ да ѝ го скенираат личниот багаж и мобилен телефон, биле оттурнати од нејзиното лично обезбедување за таа да помине без контрола. Недоразбирањето се отстранило и работите поминале низ скенерот.
Според МВР, ситуацијата се влошила кога претседателот на Собранието Африм Гаши го испратил своето обезбедување да интервенира. Членовите на обезбедувањето се полициски службеници вработени во МВР.
„По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Гобранието Гаши, инаку полициски службеник, со уште две лица, исто така полициски службеници и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој ѝ направил проблем на претседателката, притоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин“.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска рече дека има неколку верзии по медиумите во текот на вчерашниот ден, од една страна од кабинетот на претседателката на Косово, од друга страна различен е ставот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Сметам дека ова е апсолутно недозволиво и се создава впечаток дека некој сака да ја сокрие вистината. Граѓаните тоа не го заслужуваат и апелираме во поскоро време МВР да истражи што се случило и со вистински информации да ја информираат јавноста, бидејќи граѓаните тоа го заслужуваат. Меѓутоа нас ова нѐ не изненадува, ние ова го гледаме во ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот месец. На пример премиерот Мицкоски и министерот Николоски едно кажуваат за пругата кон Бугарија, а министерот Муцунски друго. Понатаму, премиерот едно кажува за намалување на платите на функционерите, а министерката Кочовска кажува дека ќе си оди ако се случи тоа.
Со едан став излегуваат албанските партии од владината коалиција, со друг став ВМРО-ДПМНЕ. Така што сметам дека таму владее една голема конфузија“, вели Филише.
За инцидентот е започната истражна постапка. Јавен обвинител од специјализираното одделение за полициски службеници при ОЈОГОКК, согласно овластувањата и своите надлежности ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на случајот, велат од обвинителството.