МВР поднесе кривична пријава против Бектеши, ДУИ вели „ова е политичка одмазда“


Министерот за економија Крешник Бектеши (Фото: Б. Богдановска)

МВР поднесе кривична пријава против екс министерот Крешник Бектеши за кривично дело „попречување на правдата“.Во полицискиот билтен за овој случај се наведува дека на 7 мај, пријавениот од својот мобилен телефон преку мобилна апликација испратил порака на полициски началник во СВР Охрид со која коментирал преземање на законски полициски мерки и истражни дејствија поврзани со кривично дело по член 149 од Кривичниот законик и член 190 став 2 од Изборниот законик. Тој практично е обвинет за сериозно дело со минимална казна од една година затвор и максимална која може да достигне до доживотен затвор во случај на сериозни последици.

Реакција за случајот стигна од неговиот сопартиец, поранешниот прв вицепремиер, Артан Груби, кој смета дека се работи за политички прогон.

„Заканите и политичкиот прогон од страна на владините партии и државните моноетнички институции се продолжение на стратегијата и напорите да се уништи моќната и легитимна албанска политичка репрезентација и да се замени со сервилни марионети кои ја поткопуваат државната моноетничност во замена за дозвола за развој на маалски политички игри. Истовремено, служи за покривање на 300-те скандали во првите 30 дена кои не вратија 30 години наназад со масовната неспособност и незнаење да ја водиме државата“, пишува Груби.

За кривичната пријава реагираше и ДУИ. Тие ваквите обвинувања ги квалификуваат како неосновани кои имаат за цел дискредитација на партијата и нивните претставници.

– Демократската унија за интеграција ги осудува политички мотивираниот „лов на вештерки“ кој е насочен кон нашиот поранешен министер за економија, Крешник Бектеши, и ДУИ како политичка организација. Неоснованите обвинувања за „попречување на правдата“ против него се последните во серија неосновани обвинувања и закани кои имаат за цел дискредитација на нашата партија и нејзините претставници. Во текот на минатиот месец се соочивме со бројни закани за животите на нашите пратеници и партиски функционери, покрај дневните лажни клевети, стои во реакцијата од ДУИ.

Овие дејствија, според ДУИ, се јасен обид на Владата да го одвлече вниманието на јавноста од своите, како што велат, катастрофални неуспеси и да го заплаши албанскиот граѓанин, кој со право е огорчен од брзото влошување на неговата позиција од формирањето на оваа влада.

– Ова е отворен обид за политичка одмазда кон партијата која го институционализираше достоинството на албанскиот народ во оваа земја и да го замолкне гласот на албанскиот народ со враќање на заробената држава. Јасно е дека владата со моноетнички легитимитет се обидува да ја прикрие својата неспособност и лошото управување напаѓајќи ги политичките противници. Остануваме решителни и нема да бидеме исплашени од овие кукавички тактики, велат од ДУИ.

Оттаму ја повикуваат меѓународната заедница и медиумите да ги следат ваквите настани.

– Ја повикуваме меѓународната заедница, медиумите и граѓанското општество да ги следат одблизу овие настани и да ја држат владата одговорна за своите дејствија, велат од ДУИ.