МВР ја „тресе“ Академијата за судии и јавни обвинители
По наредба на судија на претходна постапка, а по барање на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, МВР влезе во Академијата за судии и јавни обвинители за да истражува можни злоупотреби.
„Се одземаат електронски податоци од компјутерски системи, мобилни телефони и досиеаја од веќе избрани судии и обвинители“ – соопштија од МВР за акцијата.
Сомнежите се дека се злупотребувал системот за полагање на испити и за судски назначувања, при што истрагата е насочена кон електронски податоци, вклучувајќи компјутерски системи, мобилни телефони и досиеја на моментално избраните судии и обвинители.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, пред десетина дена си поднесе неотповиклива оставка до Управниот одбор на Академијата. По стопирањето на тестовите за 130 места за последната, најголема генерација на Академијата, според Габер-Дамјановска остварено преку политичко влијание и со помош на контроверзна одлука на Управниот суд, таа смета дека повеќе нешто не ја врзува за функцијата директорка.
Габер-Дамјановска, која на 9 декември 2022 беше реизбрана на функцијата со мандат од 4 години, во обраќањето до членовите на Одборот, многу јасно образложи зошто се повлекува.