Музички настан полн емоции за Тоше Проески во ООУ „Лазо Ангеловски“ (галерија)
Во ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, општина Аеродром денеска се одржа забавниот културно-уметнички настан „Тоше, те сакаме“, посветен на ликот и делото на Тоше Проески. Настанот е инициран од жителите на Аеродром, а е поддржан од Општината.
Ученици од сите основни училишта од Општина Аеродром со свои хорски, соло и трио изведби на песните на Тоше Проески, дадоа посебен придонес на манифестацијата, пред бројна публика од учениците и жителите на Аеродром.

„Тајно моја“, прозвучи низ гласот на ученичка од деветто одделние, три други ученички во придружба на ученико на гитара отпеаја уште една негова песна, а хоровите од три училишта изведоа по уште една песна од неговиот широк опус.
Најмалите, децата од градинките, танцуваа на неговите песни и испратија срца до сите.

Организтаорите и иницијаторите велат дека оваа манифестација ја предложиле со цел неговите песни да ги пеат сите деца од општина Аеродром.
Градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески ја отвори манифестацијата и истакна дека Тоше Проески беше пример за тоа какви луѓе треба да бидеме.
– Денеска се собравме овде за да му одадеме чест на нашиот еден и единствен Тоше Проески. Човекот кој со својот глас ги допре душите, а со своето срце ги обедини луѓето. Тоше не беше само музичар, тој беше светлина, надеж и пример за тоа какви луѓе треба да бидеме. Тоше е ѕвезда која вечно сјае, ѕвезда што не згаснува со времето, туку се посилно свети горе на небото. Неговата музика не е само звук, тоа е порака за љубов, човечност, скромност и добрина. Општина Аеродром со посветеност и со многу љубов работи на зачувување на тие трајни вредности, што Тоше ни ги остави во наследство – изјави градоначалникот Митевски.

Поддршката на ваквите настани, како што рече, не е само инаституционална обврска туку искрена мисија да го негуваме доброто, убавото и човечното меѓу нас. Тој им порача на најмладите дека тие се иднината, Тоше да биде нивна инспирација и да го чуваат она што тој го создаде, неговите песни и неговата порака – „Бидете хумани, искрени и свои“.
Посетителите можеа да погледнат ликовна изложба на ученици од основните училишта од општина Аеродром.

Ќе се креира заедничка мегаслика „Ѕвездено небо“, дело кое ќе патува низ сите училишта, а на 25 јануари ќе биде подарено на Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево.
Како што информира Општина Аеродром, попладне во музичкиот дел од програмата ќе настапат: Огнен Здравковски, Марија Спасовска, Тамара Волческа, Владимир Поповски, Ивона Јо, Мартинјан Кириловски, Наде Талеска, Lili Acoustic и Васил Ангелов, кои со свои интерпретации ќе му оддадат почит на безвременското музичко наследство на Тоше.

По завршувањето на музичкиот дел, учесниците и присутните се прошетаа по Детската улица, каде е сместена фонтаната со ликот на Тоше Проески и пуштија 45 балони кон небото, симбол на 45-те години што Тоше ќе ги наполнеше за два дена, доколку беше жив.
Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 во трагична сообраќајна несреќа на автопатот Загреб — Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години. (Б.Б.)