Mузејски тури со кустос-водич за изложбата на Лубарда во МСУ


Фото: Б. Грданоски

Поради големиот интерес за новоотворената изложба на дела од уметникот од светски ранг Петар Лубарда на 11, 18 и 25 март од 13 до 14 часот, МСУ – Скопје ќе организира музејски тури со нашиот кустос – водич, Бојана Јанева, информираат од МСУ.

„Сите кои сакаат одблиску да го запознаат ликот и делото на Лубарда ги покануваме на овие датуми да повелат во МСУ.

Наедно, во рамки на овие саботни тури, Јанева ќе ви ја доближи и изложбата „Пејзаж на вознемиреност“, која ќе биде отворена на 9 март, во 20 часот, во МСУ – Скопје.“

Фото: Б. Грданоски

Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, Скопје доби најскапоцен сликарски опус „завиткан“ во „експресивниот фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција“,  кој му донесе широко меѓународно признание на Петар Лубарда, еден од најистакнатите сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20 век.

Во октомври 1963 година Петар Лубарда ги подари сите 26 дела од неговата изложба во Ниш, (по интервенција на тогашниот градоначалник на Скопје, Благој Попов) подоцна изложени и во Скопје, со што тој стана, не само еден од првите, туку и меѓу најголемите дарители на МСУ – Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, помеѓу кои 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварели и десет цртежи кои опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот (1942-1966).

Петар Лубарда (1907–1974) во меѓувоениот период студираше сликарство во Белград и Париз, а од 1932 година до неговата смрт во 1974 година живееше во Белград. Неговиот експресионизам кој се граничи со апстракција, му донесе широко меѓународно признание, вклучително и една од трите меѓународни откупни награди за сликарство на Биеналето во Сао Паоло во 1953 година. Во Сао Паоло едногласно победи покрај делата на Дали, Мур, Пикасо, а Пикасо повторно го победи на биеналето во Јапонија.