Музејот на Македонија гостува во Софија
Изложбата „Црн петел, црвена кокошка – култови на плодноста: обреди, обичаи и верувања“ на Музејот на Македонија денеска ќе биде отворена во Националниот етнографскиот музеј при Академијата за науки на Бугарија во Софија.
Изложбата презентира дел од култовите и обредите на плодноста што се практикувале на територијата на Македонија од предисторијата до денес. Претставени се преку разни форми на предмети, на женски фигурини од предисторијата (антропоморфни и зооморфни жртвеници), опрема од обичаите под маски, велигденски јајца и делови од женската народна носија.
-Плодноста во најтесна смисла се поврзува со опстанокот на човештвото, но и со внесување елементи на еротика во секојдневниот живот на луѓето (ламби и садови со еротски сцени и претстави во антиката). Таа еротика на некој начин низ вековите се пренесувала и преку усното народно творештво со песни, приказни, поговорки и гатанки, како еден вид вербална магија, со цел да иницираат плодност и кај човекот, и кај природата, соопшти Музејот на Македонија.
Автор на изложбата е Јован Шурбаноски, а коавтори се Јасемин Назим, Александра Папазовска и Владимир Боцев.