Муртезани: Земаме кредити, а пропаѓаат ИПА фондовите од ЕУ
Новиот министер за евроинтеграции, Орхан Муртезани, порача денес дека е недозволиво да губиме милиони евра доделени од фондот ИПА на ЕУ секоја година, а да земаме кредити надвор. Според него, процентот на искористеност на помошта на ЕУ е поразителен и од расположливи 302,4 милиони евра, до крајот на 2023 година се склучени само 58 договори во вредност од 109,1 милион евра. Тоа е апсорпција, односно искористеност од само 34%, посочи Муртезани. Ова, според него, одразува поширок проблем со неефикасноста што резултира со губење на значајни средства.
„За илустрација, во рамки на овие проекти се и големите инфраструктурни зафати, како што е патната делница Дреново-Градско, железничката делница од Крива Паланка до границата со Бугарија Крива Паланка до Бугарија, пречистителните станици во Тетово и Битола, канализациската мрежа во Кичево и други. Сепак, стапката на апсорпција е недоволна со само 34 проценти од расположливите средства покриени со потпишани договори и 22 проценти од исплатените средства,“кажа Муртезани.
Според неговата анализа, на крајот на 2022 и 2023 година биле изгубени изгубени 79 милиони евра, а проценките се дека до крајот на 2024 година може да бидат изгубени уште 43 милиони евра од ИПА 2, рече Муртезани. причина за тоа рече тој е слабата и неефикасна искористеност на средствата е недостиг на кадар, по што најави дека од Владата денес ќе бара нови вработувања на професионалци , но не сакаше да каже колку со забелешка дека нема да бидат во огромен број.
„За да се справиме со следните предизвици, ќе преземе стратешки мерки: јакнење на ИПА-капацитетот преку нови вработувања. Ургентна е потребата од комплетирање на ИПА-структурата преку приоретизирање на вработувањата во соодветни национални институции. Политика за задржување на кадарот – висока флуктуација на обучени ИПА-професионалци, често привлечени од приватниот сектор, создава загриженост. Нашата посветеност на подобрување на апсорпција на ИПА-средствата е исклучително значајна особено сега кога ЕУ ја зголемува финансиската поддршка за земјата преку планот за раст за Западен Балкан и реформската агенда“,рече Муртезани.
За таа цел најави дека ќе ги посети институциите за да се разгледа можноста од обуки и пренасочување на кадарот, но останува на заложбите дека неопходно е да се зајакнат вработувањата, не само во министерствата туку и во општините.
„Тука не станува збор за преоптоварување на јавната администрација со старата пракса на вработувања со политички кадри, туку професионални кадри кои ќе овозможат искористување на европските фондови“,додаде Муртезани, забележувајќи дека и покрај критиките на ЕК за гломазната администрација стои и забелешка за слабата екипираност за менаџирање на фондот ИПА.
За најавата на министерот за транспорт Александар Николоски, дека ќе се бара пренамена на парите за пругата од ЕБОР и Европската инвестициска банка, Муртезани вели дека до него сè уште не е стигнато официјално барање, а кога ќе стигне ќе го разгледа во поширок аспект бидејќи станува збор за меѓународен коридот кој веќе почнал да се гради во Албанија.
Тој наедно ги прокоментира и уставните измени порачувајќи дека без решение со Бугарија нема да се одблокира евроинтеграцијата.
-Како што евроамбасадорот и останатите амбасадори на земјите од ЕУ, на неколку наврати имаат посочено дека тоа е сериозна пречка пред нас, на која треба да се зафатиме и залагаме, со цел да ја решиме што побрзо.Во предизборната кампања како коалиција ВЛЕН, сме нагласиле дека тоа е еден од клучните приоритети, исто како што е и во програмата на Владата.Без решавање на тој спор со Бугарија и уставните измени, не може да се одблокира патот кон ЕУ, појасни министерот, одговарајќи на новинарски прашања.