Муртезани во Брисел се сретна со Вархеи
Муртезани му рекол на еврокомесарот дека за уставни измени е потребно да се создаде политичка клима и да има јавна поддршка
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, со средба со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската унија, Оливер Вархеи, утрово ја започна својата прва работна посета на Брисел.
Разговорите беа фокусирани на тековниот евроинтегративен процес и на чекорите што претстојат за понатамошен напредок. Муртезани ја нагласил цврстата посветеност на Северна Македонија кон процесот на пристапување кон ЕУ, како и подготвеноста на земјата да се усогласи со стандардите на Унијата. Комесарот Вархеји го поздрави придонесот на Владата во контекст на интензивните подготовки за Планот за раст на ЕУ за земјите од Западен Балкан, истовремено потенцирајќи ја потребата од брзо преминување на следната фаза – исполнување на одредниците за отворање на првиот кластер.
Една од централните теми на состанокот биле и уставните амандмани, за кои Муртезани информираше дека е потребно да се создаде соодветна политичка клима и јавна поддршка за овие промени, додека истовремено ја нагласи подготвеноста на владата за конструктивен дијалог со Бугарија.
Во однос на добрососедските односи, Муртезани повторно ја нагласи посветеноста на Северна Македонија кон нивно зајакнување и продлабочување, истакнувајќи дека овие односи се фундаментални за регионалната стабилност, економскиот просперитет, но и за кредибилитетот на Унијата.