Муртезани го прекрсти евроамбасадорот Дејвид во Ричард Гир

Новиот министер за европски прашања го претстави својот гостин како познатиот холивудски актер, Ричард Гир, по што набрзо беше поправен од присутните новинари


Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани и шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, амбасадорот Дејвид Гир, денеска во просториите на Министерството за европски прашања одржаа протоколарна средба. На прес-конференцијата по неа, Муртезани направи мал лапсус при читањето на напишата изјава пред медиумите. Имено, наместо Дејвид Гир, новиот министер го претстави својот гостин како познатиот холивудски актер, Ричард Гир, по што набрзо беше поправен од присутните новинари. 

Инаку, Гир и новиот министер разговараа за евроинтеграцијата на државата, при што амбасадорот повтори дека нема можност да се репреговара за Преговарачката рамка. 

-Секогаш сум бил многу јасен за овој договор што беше постигнат во јули 2022 година што резултираше со отворање на пристапните преговори и скрининг процесот. Не гледам можност за промена на преговарачката рамка и таа позиција не е променета по изборите, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.

Средбата со Муртезани, Гир ја оцени како „добар старт“, посочувајќи дека имал детален разговор за реформската агенда која е дел од планот на ЕУ за раст на Западен Балкан, за досегашната работа на скининг процесот и како да се продолжи врз тоа што е постигнато.

– Очекуваме блиска, регуларна и успешна работна врска со министерот и Министерството, изјави Гир.

Во однос на пораката што се праќа со намалувањето од вицепремиерско на министерско место за европски прашања според Гир, важно е тоа што процесот на евроинтеграција останува високо на политичката агенда.

 

– Ова е тоа што Владата го вели. Ќе ја оценуваме Владата врз основа на тоа што го прави. Ако сака да продолжи напред на евроинтегративниот пат ние ќе бидеме цврсти и посветени партнери, изјави Гир.

Прашан за планот на Питер Ванхојте за евроинтегративниот пат на земјава, Гир рече дека не е сигурен дека постои таков план, посочувајќи дека Ванхојте работи на проект, финансиран од Белгија, за градење на добрососедски односи во Северна Македонија и соседите.

– Но, надвор од тоа ние во ЕУ не сме поврзани со таа конкретна иницијатива, нагласи Гир.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани посочи дека секоја помош во процесот на зачленување кон ЕУ е добредојдена, вклучителчно и помошта на Питер Ванхојте, но дека тој како новоназначен министер нема видено никаков конкретен план, за да може да даде коментар.