Мукаетов за романски „Бизнис магазин“: Цефиксим на „Алкалоид“ е меѓу петте најдобри брендови на антибиотици на пазарот во Романија


Македонскиот производител на лекови „Алкалоид“, кој во последните пет години забележа просечна стапка на раст од над 12 отсто, отвори капитално поврзано друштво во Романија за зајакнување на својата позиција на локално ниво, пишува романски „Бизниос магазин“. Заради одржување на темпото на раст, компанијата, која е присутна речиси во 50 земји, цели кон глобална експанзија. Во канцелариите во Скопје пазарот во Романија се смета за стратешки, а локалното работење во првата година достигна пораст на продажбата од 66 отсто. „Алкалоид“ пласира околу 20 производи на романскиот пазар, од речиси 250 производи од портфолиото на фармацевтската компанија.

„Плановите за Романија имаат цел зголемување на тимот, на портфолиото на производи и на популарноста на брендот на производителот“, вели Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје за „Бизнис магазин“.

Насловната страница на романски „Бизнис магазин“

Во опсежниот текст, меѓу другото се дава осврт и на почетоцит на „Алкалоид“, како и посветеноста за постојан развој и напредок на компанијата кои, како што посочува Мукаетов, , се резултат на квалитетот на производите, на вработените во компанијата, брендот „Алкалоид“ и на индивидуалните брендови развивани со децении од генерации посветени вработени.

Константа во долгогодишната историја на „Алкалоид“ се инвестициите. Во последните петнаесет години компанијата издвои речиси 220 милиони евра насочени кон изградба на нови фармацевтски единици, зголемување на капацитетите за истражување и развој, инсталирање најсовремена опрема, лаборатории, технологии, софтвер и добро обучен кадар.

Денес „Алкалоид“ пласира повеќе од 70% од своето производство во речиси 50 земји во светот. Глобалните трендови во фармацевтската, хемиската, билната и во козметичката индустрија се применети во нашето секојдневно работење, а нашето придржување до најстрогите стандарди за добра производствена пракса го потврдуваат реномирани авторитети.

„Во една динамична индустрија каква што е фармацевтската, пласманите, вообичаено, одговараат на инвестициите, вештините и на знаењето, кои во последните две децении строго ги насочивме кон глобално позиционирање на брендот ’Алкалоид’. Важна стратешка гледна точка во нашата глобална мапа е Романија. На овој пазар, откако бевме присутни во последните години, во 2022 година регистриравме сопствена компанија во Букурешт“, вели Живко Мукаетов.

Таму портфолиото на „Алкалоид“ се состои од повеќе фармацевтски производи и од производи за хемодијализа.

„Наш врвен фармацевтски производ на овој пазар е антибиотикот Цефиксим (македонски Панцеф), регистриран со заштитниот знак Xifia во Романија, кој е меѓу петте најдобри брендови на антибиотици на романскиот пазар. Секој производ, секој бренд и секоја одлука на ’Алкалоид’, главно, се резултат на залагањата на луѓето пред сѐ. Нашата цел е да изградиме компанија од задоволни луѓе кои го вложуваат својот потенцијал во нашиот заеднички успех, бидејќи имиџот, вредностите, кредибилитетот и организациската култура на компанијата се рефлектираат преку нејзините луѓе“, вели Живко Мукаетов.

„Мисијата на ’Алкалоид’ е како компанија да се диференцира преку знаење и преку развој на производи со додадена вредност, користејќи високи етички стандарди во нашите секојдневни активности, како и кредибилитет и професионален пристап во нашето општо работење. И во вакви времиња на предизвици ќе останеме посветени на најважното нешто во животот – ЗДРАВЈЕТО ПРЕД СЀ!“

Бизнис-моделот на „Алкалоид“ има цел да се прошири и на други пазари, што е еден од приоритетите на групацијата.

„Во Романија нашата приказна не е толку свежа. Иако филијалата ја отворивме пред неполни две години, некои од производите претходно беа присутни на романскиот пазар преку локални партнери“, вели Дарко Столески, генерален менаџер на „Алкалоид Букурешт“.

Така, првата соработка со локалниот пазар датира од 2004 година, па затоа производите се многу добро познати меѓу лекарите, фармацевтите и меѓу потрошувачите на романскиот пазар. „Важна цел беше да се создаде врска меѓу брендовите веќе познати за здравствените работници и брендот ’Алкалоид’ како производител, бидејќи подружницата се појави подоцна од производите. За повеќето лекари Xifia и Forexo беа добро познати, но сликата за брендот ’Алкалоид’ моравме да ја создадеме од нула“, додава претставникот на компанијата.

Дарко Столески, генерален менаџер на „Алкалоид Букурешт“

Што се однесува до долгорочната цел на романскиот пазар, „таа е иста како и на сите пазари каде што работи компанијата – да донесе висококвалитетни производи по пристапни цени до романските пациенти и потрошувачи“, вели претставникот на „Алкалоид“. Сегашното портфолио на компанијата во Романија вклучува неколку антибиотици (Xifia и Forexo), производ за третман на бенигна хиперплазија на простатата и додатоци во исхраната за жени кои планираат бременост, кои се бремени и кои дојат. Покрај тоа, преку партнерството со MagnaPharm Marketing & Sales Romania компанијата продава повеќе производи за ублажување на симптомите на болка, настинка и грип, кои се продаваат под брендот Caffetin.

„Оваа година имаме намера да лансираме два дополнителни додатоци во исхраната, од кои едниот е за суплементација на железо. Вториот производ е дел од поголемото детско портфолио на OTЦ-лекови и на додатоци во исхраната, единствената формула на пробиотици, витамини и минерали под името Becutan KidsVits Multiimmuno. До крајот на 2024 година нашите планови се да ја лансираме и најновата иновација на ’Алкалоид’, течниот Омепразол, за овој лек со додадена вредност да им биде достапен и на романските пациенти“, вели Столески.

Целиот текст е достапен на следниот ЛИНК.