Муцунски во Виена: Македонија бара кредибилна перспектива


 

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, вчера во Виена учествуваше на состанокот на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, одржан на покана на австриската министерка за европска и меѓународна политика, Беате Мајнл-Рајзингер.

На состанокот учествуваат програмите за надворешни работи на територијата на ЕУ, кои се дел од групата „Пријатели на Западен Балкан“ – Австрија, Чешка, Грција, Италија, Словачка, Словенија и Хрватска – министри за надворешни работи од регионот како и високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Состанокот беше поделен во две тематски целини: работна сесија посветена на „Приоритетите во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ“ и работна вечера на тема „Енергетика, безбедност и интеграција во ЕУ“.

Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна силната заложба на Северна Македонија за забрзување на пристапниот процес и продлабочување на политичкиот дијалог и практичната соработка со Европската унија во рамките на фазната интеграција. Тој нагласи дека процесот веќе носи конкретни резултати за граѓаните и економиите, преку спроведувањето на Планот за раст, забрзувањето на трговијата со „Зелените ленти“, приклучувањето кон СЕПА и други иницијативи.

Министерот уште еднаш ја подвлече неопходноста од обезбедување предвидлива и кредибилна европска перспектива за Северна Македонија и регионот, истакнувајќи ја цврстата посветеност на државата кон европскиот пат преку спроведување на реформите, високата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, континуираниот придонес кон европската безбедност и поддршката за Украина. Тој укажа дека политичките блокади кои не се засноваат на европските критериуми го поткопуваат кредибилитетот на проширувањето и се спротивни на основите на европскиот проект.