Муцунски разочаран од Софија што забрани влез на адвокатот Менкиновски


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, е загрижен за  одлуката на бугарските власти да му изречат десетгодишна забрана за влез во Бугарија на адвокатот Тони Менкиновски. Муцунски посочи дека Министерството внимателно ќе ги разгледа сите аспекти на случајот и ќе одлучи кои дипломатски механизми ќе бидат преземени.

„Многу сум загрижен од ова што примарно го гледам, бидејќи сум негативно изненаден како земја членка на ЕУ се однесува кон наш граѓанин, кој имал единствена цел да штити права на наши граѓани пред европски институции. Со други наши соседи сме имале вакви состојби и сме реагирале по дипломатски пат. Мерката и механизмот кои ќе ги преземеме ќе се одлучат во рамки на Министерството за надворешни работи“, изјави Муцунски.

Тој додаде дека е длабоко разочаран од постапката на земја членка на Европската Унија.

„Факт е дека се случува санкционирање на човек кој си ја вршел својата работа. Тој е адвокат. Не сакам да верувам дека Европската Унија ќе застане на страната на вакви ретроградни дејствија и механизми кои доаѓаат од нашиот сосед “, рече Муцунски.