Муцунски од Софија: Кредибилитетот на проширувањето зависи од испораката
СОФИЈА – Проширувањето веќе не е само технички пристапен процес. Тоа е стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа. Безбедна и просперитетна Европа не може да биде целосна без целосна интеграција на Западен Балкан, порача шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во обраќањето на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржа денска во Софија во рамките на бугарското претседавање со оваа најстара и најзначајна политичка иницијатива за регионална соработка во Југоисточна Европа.
Осврнувајќи се на актуелните геополитички и безбедносни предизвици, тој нагласи дека во услови на војна во Европа, хибридни закани, дезинформации, енергетска несигурност и киберризици, европската интеграција и регионалната соработка добиваат уште поголемо стратешко значење
Притоа тој нагласи дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од доследното почитување на преземените обврски, предвидливоста на процесот и принципот на заслуги.
„Мора да бидеме искрени: кредибилитетот на проширувањето зависи од испораката. Заслугите мора да имаат значење. Обврските мора да се почитуваат. Правилата на процесот мора да бидат предвидливи. На Западен Балкан му е потребен европски пат заснован на резултати, а не на постојано одложување“, истакна Муцунски.
Состанокот во Софија е посветен на одбележувањето три децении од формирањето на ПСЈИЕ. Во фокусот на дискусиите беа европската перспектива на регионот, унапредувањето на регионалната соработка, зајакнувањето на безбедноста и отпорноста, како и поттикнувањето на економскиот развој и конкурентноста во услови на сложени геополитички и безбедносни предизвици.
Во своето обраќање министерот Муцунски истакна дека ПСЈИЕ останува еден од најзначајните механизми за политички дијалог и соработка во регионот.
Тој ја нагласи и важната улога на Советот за регионална соработка во унапредувањето на економската интеграција, поврзаноста и одржливиот развој во регионот.
„Треба да ја препознаеме важната улога на ПСЈИЕ во овој процес, како и вредниот придонес на Советот за регионална соработка во унапредувањето на поврзаноста, економската интеграција, безбедносната соработка и одржливиот развој“, истакна Муцунски.
На крајот од обраќањето, министерот порача дека иднината на Југоисточна Европа е неразделно поврзана со иднината на Европа.
Високите претставници на земјите членки на ПСЈИЕ за време на состанокот ја потврдија важноста на регионалната соработка како клучен предуслов за стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа.
Во рамките на состанокот беше усвоена заедничка декларација со која се реафирмираа поддршката за европската интеграција на регионот, добрососедските односи, демократските вредности и заедничките напори за градење поотпорен, поконкурентен и поодржлив регион. (МИА)