Муцунски очекува пофалби место критики од Софија за Акцискиот план


Тимчо Муцунски (Фото: Б. Грданоски)

 

Македонско-бугарските односи влегоа во нова фаза на недоверба. На соопштение се реагира со соопштение околу Алцискиот план за малцинствата во Македонија. Македонското МНР денеска ги оквалификува реакциите на бугарското МНР како „апстрактни и неосновани“.

„Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави“, велат од Министерството за надворешни работи. Официјално Скопје вели дека „наместо неаргументирани коментари од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик“.

Македонското МНР денеска објаснува дека акцискиот план бил на англиски и македонски јазик, а вчера премиерот Христијан Мицкоски спомена само македонски јазик.

„Република Северна Македонија останува доследна на европските правила и на мерит-базираниот пристап кон проширувањето. Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Совет на Европа и Европската комисија. Документот содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди“, вели македонското МНР по реакцијата на МНР на Бугарија на вчерашната изјава на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека „на Бугарија ѝ пречи македонскиот јазик во Акцискиот план за малцинства“.

Процесот на изработка на Предлог-акцискиот план, како што посочуваат од МНР се одвиваше во повеќе фази, започнувајќи од 2023 година, при што финалната доработка беше интензивирана во последните шест месеци од 2025 година и во текот на целиот процес беа активно вклучени и редовно консултирани домашни и меѓународни експерти од областа на меѓународното право, човековите права и правата на малцинствата, додека од страна на Советот на Европа и Европската комисија беше нагласено дека документот ги опфаќа сите релевантни европски и меѓународни стандарди.

Во бугарската реакција се изразува загриженост од, како што се наведува, „најновите тези на властите во Скопје, кои остро отстапуваат од суштината на Европскиот консензус од 2022 година“.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека Бугарија се противи на Акциониот план за малцинствата затоа што е на македонски јазик. Мицкоски кажа дека се случило тоа за што ги предупредил партнерите во Брисел – „дека и најдобриот Акциски план за малцинствата да го направиме, тој ќе биде одбиен од Бугарија“.