Муцунски му врачи на Столтенберг Плакета за постигнатите успеси
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во седиштето на НАТО имаше средба со генералниот секретар на Алијансата во заминување, Јенс Столтенберг.
Како што објави денеска министерот Муцунски на својот Фејсбук профил, на средбата со Столтенберг му изразил лична благодарност за неговиот извонреден придонес во евроатлантската безбедност, притоа врачувајќи му Плакета за постигнатите успеси.
„Го истакнав неговото водство во турбулентните години, со кое значително ја зајакна и модернизира Алијансата, правејќи ја покредибилна и поподготвена за зачувување на мирот и стабилноста“, наведе Муцунски во објавата.
Тој додава и дека во разговорот ја нагласил важната поддршка на Столтенберг за нашето членство и личните напори што ги вложил за промовирање на мирот на Западниот Балкан, како и неговата посветеност кон политиката на отворени врати на НАТО, која е клучна за регионалната стабилност.
Муцунски синоќа во седиштето на Алијансата во Брисел се обрати и на приемот организиран по повод Денот на независноста – 8 Септември, потенцирајќи дека нашето членство во НАТО претставува долгорочна стратешка определба и придонесува за зајакнувањето на колективната безбедност.