Муцунски и Сијарто разговарале за европското досие на Македонија


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто, во рамки на НАТО Самитот во Вашингтон.На средбата, министрите ја потврдиле одличната билатерална соработка, при што бил поздравен јубилејот – 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Воедно, биле истакнати заемните заложби за натамошен развој на секторската соработка, со посебен акцент на економијата, инвестициите и бизнис релациите.

Во фокусот на разговорите сепак било европското досие на земјава, при што била реафирмирана цврстата унгарска поддршка за наше полноправно членство во ЕУ. Муцунски изразил задоволство што меѓу приоритетите на претседавањето на Унгарија со Советот на ЕУ е токму проширувањето со земјите од Западен Балкан, што е споделен интерес за земјите од регионот и Унијата како целина.

“Високо ја цениме континуираната унгарска поддршка за нашиот евроинтегративен пат. Посветени сме на реформските процеси и силно се залагаме за забрзување на нашето присоединување кон ЕУ. Членството на земјите од Западен Балкан во Унијата нема алтернатива и ќе придонесе за зацврстување на целокупната регионална и европска стабилност”, нагласи Муцунски.

Соговорниците разменија мислења и за сојузништвото во рамки на НАТО, потребата од продолжување на соработката меѓу двете земји во рамки на Алијансата, како и уверувањето дека Вашингтонскиот Самит, на кој се одбележува 75 годишнината од формирањето на Алијансата, ќе придонесе за зачувување на глобалниот мир и безбедност.Премиерот Мицкоски оствари средба и со претседателот на Чешка Петр Павел. Соговорниците разговараа за искористување на потенцијалите за економска и политичка соработка.

Претседателот на македонската влада Мицкоски истакна дека иднината на регионот е во полноправно членство во Европската Унија и дека на тој план се направени премногу отстапки и откажувања кои не се вреднувани до крај и дека кочењето преку неразумните спорови мора да престанат. Граѓаните со право бараат подобар живот и дека Владата е целосно посветена на подобар стандард и исполнување на високите критериуми за интеграција.

Мицкоски оствари разговор и со премиерката на Естонија, Каја Калас со која разговараше за интензивирање на соработката и поддршка на македонските ЕУ интеграции.