Муцунски и комесарот Брунер разговарале за проблемите на превозниците


 

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер.

На средбата, информираат од МНР, министерот Муцунски го истакнал континуираниот ангажман на земјата во процесот на пристапување кон Европската унија, особено во областа на внатрешните работи и миграцијата. Тој ја нагласил посветеноста кон унапредување на институционалните капацитети и спроведување на реформите во оваа област, со цел натамошно усогласување со европските правила и стандарди.

Посебно внимание е посветено на имплементацијата на системот за влез/излез на Европската унија. Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки, со цел зајакнување на поврзаноста и обезбедување непречено одвивање на трговските текови.