Муцунски ги убедувал европратениците дека ЕУ е на врвот на агендата на владата
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, денеска одговарајќи на прашања членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент порача дека владата е силно посветена на евроинтеграциите и на спроведувањето реформи.
Според него, за земјата е клучно да продолжи да напредува кон полноправно членство во ЕУ следејќи предвидлива пристапна траекторија, заснована на јасно утврдените пристапни критериуми и принципот на сопствени заслуги. Притоа, потенцираше дека добрососедството не е еднострана обврска, туку долгорочен процес што бара заедничка одговорност и меѓусебна почит.
Тој ја истакна посветеноста на Владата кон спроведување на клучни реформи, особено во областа на владеењето на правото, правосудството, јавната администрација и економското управување.
Во своето обраќање, Муцунски потсети дека државата е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ – стратегиски избор и врвен приоритет што ја демонстрира нашата посветеност на принципите и вредностите што ги застапува Унијата.
Одговарајќи на прашањата од членовите на комисијата, Муцунски потенцираше дека Северна Македонија е пример за почитување и заштита на правата на малцинствата, што повеќепати е потврдено од Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права.