МТЕЛ планира инвестиции од 50 милиони евра во земјава и нови 200 вработувања


Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари работна посета на телекомуникациската компанија МТЕЛ, притоа им честиташе на менаџерите на МТЕЛ за успешното работење, за постигнатите резултати и за позитивниот развој на пазарот во Северна Македонија.

Како што информираат од владината прес-служба, премиерот истакна дека МТЕЛ досега во нашата земја има инвестирано четири милиони евра, а компанијата е со планови за понатамошни зголемувања на инвестиции.

-Во моментот вработуваат 80 вработени, а многу скоро таа бројка ќе биде уште поголема, рече претседателот на Владата.

Тој додаде дека му е драго му е што странските, но и домашните инвеститори во Владата гледаат свој партнер за напредок и развој. Ние, како што посочи Ковачевски, се стремиме да создаваме услови по светски терк, за безбедно инвестирање, неопходни за непречено функционирање на компаниите.

Генералниот директор на Телеком Србија Владимир Лучиќ потенцираше дека посетата на претседателот на Владата е потврда за нивната силна и значајна позиција на македонскиот телекомуникациски пазар и поттик да продолжат со инвестициите.

Тој посочи дека во следните две години планираат да инвестираме дополнителни 50 милиони евра, и нивниот тим да го зголемат за уште најмалку 200 млади стручни лица.

-Амбицијата на МТЕЛ во Северна Македонија не е да биде само уште еден оператор на пазарот, туку уверени сме дека со плановите кои ги имаме за наредниот период, поткрепени со квалитетот на нашите услуги за скоро ќе можеме да се промовираме и во број 1 телекомуникациски оператор на македонскиот пазар, рече Марко Лопичиќ, генерален директор МТЕЛ.

Горан Трајановски, претседателот на Надзорниот одбор на МТЕЛ го изрази задоволството од деловниот амбиент и соработката со институции надлежни за регулација на телекомуникацискиот сектор.

-Северна Македонија има компетитивен телекомуникациски пазар, но регулативата е особено добра и им овозможува на операторите да се развиваат, да растат, да ја засилуваат својата позиција врз основа на квалитетот на услугите кои што ги нудат, да инвестираат во проширување на палетата на услуги и да го зголемуваат бројот на свои вработени, потенцираше Трајановски на работната средба со премиерот Ковачевски.